Одбележaни 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска. Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет функционира од академската 1987/88 година, на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец, а лекторската настава ја изведува Никола Илиевски

ВО ПОЛСКА ОДБЕЛЕЖАНИ 35 ГОДИНИ ИЗУЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНИСТИКАТА

Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик. За нив најголема импресија претставува македонското писмо, а особено оние гласови што ги содржи македонската азбука, вели Никола Илиевски, лектор на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец. Тој сака да воведе многу повеќе предмети на Шлезискиот универзитет поврзани со македонскиот јазик, како и со македонската култура

Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, одбележи 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. Овој јубилеј е конкретен показател и за повеќедецениската соработка на Шлезискиот универзитет и УКИМ, важна и за македонистиката и за полонистиката.

Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик. Остварувањата од изминатите децении и создадените нови перспективи обврзуваат соработката и содејството во афирмацијата на македонистиката не само да продолжат туку и постојано да се развиваат.

Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет функционира од академската 1987/88 година, на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец, а во моментов лекторската настава ја изведува Никола Илиевски.
– Македонскиот јазик на универзитетите низ Полска најчесто е дел од катедрите за словенски јазици. На некои универзитети македонскиот јазик може да се избере и како главна насока на студиите. Во Полска, македонистика се изучува на Шлезискиот универзитет во Катовице, Јагелонскиот универзитет во Краков и на Позњанскиот универзитет на Катедрата за балканистика. Сепак, на Вроцлавскиот универзитет се води работилница за македонски јазик, која има стремежи да го воведе македонскиот јазик како предмет на изучување и од Катедрата за славистика – вели Никола Илиевски.

На Шлезискиот универзитет во Катовице македонскиот јазик долго време бил главна насока на студирање со дополнителен модул за преведување и толкување од македонски на полски и обратно. Денес ситуацијата е малку поразлична.
– Во Катовице, односно на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, македонскиот јазик може да се избере само како втор модул на студирање. Затоа јас во моите групи имам студенти кроатисти, словацисти и бохемисти, кои покажуваат висока заинтересираност за македонскиот јазик. Бројот на студентите секогаш е наизменичен.

Можам да потврдам дека секаде во светот интересот за студирање славистика се намалува, но сѐ уште постојат студенти што сакаат да учат и да го запознаат волшепството на македонскиот јазик. Кога почнав да работам како лектор имав три групи студенти, кои учеа македонски јазик на различни рамништа. Групата од втора година имаше осум студенти, групата од четврта година имаше седум, додека петта година имаше само четири. Поради корона-кризата часовите по македонски јазик се одвиваа на далечина (преку интернет), но од учебната 2021/2022 година часовите се одвиваат со физичко присуство. Оваа година ми останаа само две групи. Групата од трета година имаше седум студенти, додека петта година само четири студенти. Сепак, ситуацијата полека се менува со тоа што многу студенти изразија желба да ја посетат Македонија, а некои од нив и ќе присуствуваат на годинашната Летната школа за македонски јазик, култура и литература, која ќе се одржи овој август во Конгресниот центар во Охрид – ни споделува Никола.

Тој смета дека за полските студенти најголема импресија претставува македонското писмо, а особено оние гласови што ги содржи македонската азбука.
– Не можам да не ја споменам и категоријата време во македонската граматика, а особено аористот, кој е главниот виновник за натпреварот што го организиравме минатата година со студентите во Сосновјец. За полските македонисти вечна инспирација претставува поезијата на Блаже Конески. Студентите покажуваат голем интерес кон јазикот и истите тие се дел и од дополнителните активности. Настанот „Читајќи го Конески на полски“ е настан на кој студентите имаат можност да допрат до длабочината на стиховите на Блаже Конески и истите тие да ги преведат на полски јазик. Најчеста тема на истражување е категоријата да-конструкција, која отсуствува од полската граматика. Како што веќе напоменав, најчеста тема на истражување е категоријата време што, според мене, претставува предизвик за секој славист.

Литературата и преведувањето се мои омилени теми на истражување. Студентите ја обожаваат современата литература, а особено литературата на 21 век, која им ја препорачувам. Тие ја читаат Лидија Димковска на полски и во оригинал. Но сепак и драмите на Стефановски се сеприсутни во нивниот книжевен орман – нѐ информира Илиевски. Минатата учебна година заедно со студентите од втора година направивме презентација „Запознај ја Македонија“, која се одржа на платформата Мс тимс.

Презентацијата беше наменета за студентите од прва година, чија можност е да изберат македонски јазик како втор модул на студии на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, дополнува тој.
– Не сум сигурен дека сум целосно компетентен да зборувам за минатите 35 години, но тоа што јас можам да го забележам е дека македонистиката живее. Покрај часовите по македонски јазик, студентите имаат можност да се запознаат и со македонската култура и литература.

Тие посетуваат часови по македонска литература, македонски филм, како и книжевно преведување кај различни професори на Факултетот за хуманистика. Славистите од Сосновјец имаат можност да живеат со македонскиот јазик – изјавува Никола.

Тој сака да воведе многу повеќе предмети на Шлезискиот универзитет поврзани со македонскиот јазик, како и со македонската култура.
– Сакам македонскиот јазик повторно да биде главна студиска насока. Сакам да воведам предмет во кој студентите ќе ја учат историјата на македонскиот филм. Сакам да ги слушнам полските студенти како зборуваат за македонскиот филм и сакам да отворам работилница за филмски превод од македонски на полски и обратно.

Лекторатот по македонскиот јазик во Сосновјец на студентите им нуди различни можности. Тие учат македонски јазик со изворен говорител и имаат можност да стигнат до напреднато рамниште. Покажуваат висока заинтересираност за превод и толкување на книжевен текст. Тие присуствуваат на летни и зимски школи по македонски јазик, патуваат низ Македонија, а голем дел од нив учествуваат на разни книжевни и јазични конференции и семинари во Македонија и во Полска. Лекторатот по македонскиот јазик е столб на славистиката во Полска чија традиција треба да постои со векови – дополнува Никола.