Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) реагира дека е целосно разочаран од вчерашната реакција на министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска критиките на МДС кон неговата работа.
-Османи продолжува да запаѓа од лага во лага со тврдењето дека критиките кон него биле субјективни, односно биле упатени од страна „на еден човек, а не цела организација“, како и дека тој со двата синдикати во МНР имал соработка „на дневна основа“. За информирање на Османи, Македонскиот дипломатски синдикат е законски регистриран во Централен регистер и е дел од Синдикатот на администрацијата и државната управа (САДУ) и Конференцијата на слободни синдикати (КСС), а преку нив и во Меѓународната конфедерација на синдикати со седиште во Брисел. Не само што целото членство на МДС стои зад критиките кон Османи, туку и САДУ и КСС целосно ги поддржуваат ставовите на МДС, а тоа се многу луѓе, не еден човек. Поголема невистина од тврдењето дека Османи имал добра соработка со двата синдикати во МНР и тоа „на дневна основа“ нема, бидејќи тој од почеток целосно ги игнорира нашите барања и прашања и никогаш, ама никогаш, не одговарал на нашата комуникација. Сме интервенирале за Ковид вакцини за вработените, за одржување систематски прегледи, сме барале разговори за платите во МНР кои се далеку под просекот во државата, речиси на ниво на кожарската и дрвна индустрија, сме интервенирале за исплата на К-15 за 2022 година и многу други нешта. Одговор никогаш не сме добиле. Господинот Османи упорно не исклучува од сите текови во МНР, па така веќе две години како се изготвува Законот за надворешни работи одбива да го сподели нацрт текстот со МДС, како би не спречил да дадеме свое мислење до Работната група за изготвување на предлогот, што инаку е законска обврска – реагира синдикатот.
Оттаму му се обраќаат на Османи дека Македонскиот дипломатски синдикат никогаш немал некаква политичка агенда.
-Патетичен е обидот да не прилепувате за каква било политичка опција. Погледнете ги сите наши соопштенија, такво нешто не можете да најдете. Од членовите на МДС, но и пошироко, од голем број вработени, секојдневно добиваме поддршка и охрабрување да продолжиме со борбата за подобра положба на вработените и обелоденување на неправилностите во МНР. Во таа борба нема да не заплашат бројните притисоци и деградации на сениорски дипломати и централизацијата на моќта во рацете на министерот и неговиот кабинет преку нелегални паралелни структури поради кои легалните структури на министерството се осудени на одумирање. Ќе се бориме со сите расположливи средства да ја вратиме киднапираната дипломатија и да го возобновиме нејзиниот некогашен сјај – реагираат оттаму.