Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Двајцата познати активисти за правата на Македонците во Албанија, Панди Јани од Пустец, Мала Преспа и Едмонд Османи, од Требиште, Голо Брдо, побараа од Македонците во оваа земја, пред престојниот попис на населението и домаќинствата, што почнува в понеделник да не потклекнуваат под никаков притисок и да се изјаснат она што единствено се-Македонци.

– Го повикувам својот македонски народ да не потклекнува под никаков притисок и да не се дели од неговото македонско ткиво. Ние сме биле, сме и ќе останеме Македонци и покрај обидите на Бугарија да не прикаже како нешто што не сме. Со векови сме на овие простори како Македонци и тоа и ќе останеме. На моите драги Македонци, каде и да живеат во Република Албанија, им порачувам слободно да се изјаснат на прашањата за етничката, јазичната и религиска припадност. Да издржиме сите заедно, да не се делиме и да докажеме дека сме она што и навистина сме, Македонци – изјави за МИА, Јани, претседател на огранокот на Партијата на слободата, на поранешниот албански претседател Илир Мета, кој често ја посетуваше Преспа и се среќаваше со, како што редовно ја нарекува, прекрасната македонска заедница.

Јани, кој беше кандидат за градоначалник на Пустец на последните избори во мај годинава, вели дека местото редовно го посетуваат бугарски емисари, но оти и покрај она што го подаруваат на „некои продадени души“ нема да постигнат ништо.

Едмонд Османи, потпретседател на единствената македонска партија во оваа земја, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и прв човек на адинистративната единица Требиште, соседна на Острени, каде што пред два дена престојуваше бугарската потпретседателка Илијана Јотова, придружувана од бугарски универзитетски професори и академици, вели дека вакви посети се редовни, но „попусто бараат Бугари“ зашто „ние сме Македонци и ништо друго“.

– Зборуваме македонски и дома и во меѓусебни средби, тоа не ни го одзеде ни најдивата комунистичка дикататура. Нашите деца се до поаѓање на училиште тешко го разбираат албанскиот јазик а не пак бугарскиот. Какви Бугари бараат само тие знаат или оние малку продадени души. Ние ако сме во потешка економска состојба не сме дошле до тоа за децата да ни носат ранчиња и по некое благо. Низ многу тешки премрежиња сме поминале и сме опстоиле и сега нема да не поколеба никој и ништо. Ние сме и остануваме Македонци – вели Османи за МИА.

Сакам, додава, да ја повторам изреката што претходно ја кажав за вашата редакција „Со векови зборуваме, пееме и плачеме на македонски и сега сака некој користејќи ја сиромаштијата да не направи она што не сме. Но, едно им порачувам, дека ниту сме биле ниту ќе бидеме Бугари, Ние сме Македонци и така и ќе останеме“.

Исто така, потсетува на постојната албанска статистика, дека ова е 12-ти попис на населението во Албанија и оти во изминатите 11 ниту еден граѓанин на Албанија не се изјаснил како Бугарин, но затоа има Македонци, Грци, Роми, Египќани, Власи, Бошњаци, Срби, Црногорци.

– Има ли поголема потврда за постоењето на Македонците и непостоењето на Бугарите – заклучува Османи.