Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, со кого разговараше за штетното влијание на дезинформациите, особено имајќи ја предвид безбедносната состојба во регионот и војната во Украина, како и за начините како Министерството за одбрана ги развива своите капацитети за справување со дезинформации.
– Хибридните закани вклучувајќи ги и дезинформациите имаат за цел да ја намалат нашата општествена отпорност и да предизвикаат внатрешни поделби и недоверба на граѓаните во институциите и нивната ефикасност. Затоа, мораме да имаме здружен пристап кој ги обединува напорите на сите чинители во општеството во соочувањето со овој предизвик – рече министерката на средбата каде ја поздрави и отвореноста на Центарот за глобален ангажман за блиска соработка со институциите во Македонија.
Петровска порача дека јасно видливо е зголеменото ниво на дезинформации поврзани со поддршката која Македонија ја дава за одбрана на Украина, исто како што тоа беше евидентно и во однос на полноправното членство во НАТО.
Во однос на институционалните капацитети на министерството, Петровска истакна дека одбраната работи континуирано и систематски во развојот на способностите за справување со дезинформации и дека има видлив прогрес во организацијата на системот.
– Министерството е лидер во однос на активната транспарентност зашто на тој начин медиумите преку пристапот до сите информации самостојно можат да ја осознаат и пренесат вистината. Ние сме свесни за штетноста на дезинформациите и затоа ми е задоволство што со заеднички сили ќе најдеме решенија за овој сериозен предизвик – подвлече министерката на средбата со Рубин.
Специјалниот пратеник Џејмс Рубин ги поздрави напорите на Македонија за развој на капацитети за справување со дезинформации и изрази подготвеност Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент да ја помогне Македонија со техничка експертиза и искуства. Додаде дека информациската и дигитална револуција треба да биде во функција на ширењето на демократијата и вистината, а не да се злоупотребува за поткопување на демократијата и глобалната безбедност.
– Заедничкиот пристап и соработка е најдобриот начин за успешно спротивставување на заканите во информацискиот простор – рече Рубин.
На средбата стана збор и за развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста кој е НАТО – Партнерски центар, а е во фаза на добивање на институционална акредитација од страна на Алијансата и ќе функционира како НАТО-школа за односи со јавноста.