Македонската нација во контекст на теоријата на нацијата

СТАВ

  • По повод научната студија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ од професор д-р Ганка Цветанова

Катица Ќулавкова

Востановувањето на современите нации подразбира предисториски континуитет кој минува неколку фази: прво, фазата на легитимирање на идентитетските особености поврзани со културната историја и традиција, колективната меморија и живата реч која прераснува во стандардизиран јазичен канон; второ, фазата на духовната идентификација и интеграција поврзана со феноменот на наследената верска припадност и стекнатиот религиски релјеф; трето, фазата на револуционерните превирања и, конечно, фазата на политичката артикулација на културниот, јазичниот, религискиот, етничкиот, идеолошкиот и граѓанскиот идентитет.

Народот може да опстане со милениуми негувајќи ја етнокултурната, јазичната и верската традиција во различни општествени услови и државни творби. Нацијата, меѓутоа, како надетничка и трансетничка категорија, има потреба од политичка, институционална, државна, уставна и меѓународна легитимација. Македонскиот народ ги зачувал своите културни и духовни обележја во практиката и во услови на нивно раслојување и осовременување и модификација во контактот со соседните и други влијателни културни матрици. Тој континуум е непореклив. Од друга страна, македонската нација се конципирала политички кон крајот на 19 век, почетокот, па може да се каже и на крајот на 20 век. Современата македонска нација е пред големи искушенија, затоа што нацијата подразбира споделено чувство на припадност кај сите заедници и граѓани независно од нивното етничко и јазично потекло. Чувството на припадност на иста нација се рефлектира врз државата и нејзините уставни и законски акти и институции и ја прави стабилна и долговечна. Како што опаѓа чувството на припадност на иста национална кауза кај граѓаните, така опаѓа и моќта на државата и нејзините институции, опаѓа нејзината унитарност, последователно и нејзината сувереност.

Феноменот на нацијата е важен дел од научните истражувања на 20 и 21 век. Постојат неколку еминентни модернистички теории и теоретичари на нацијата во светот и на национализмот, некои од највлијателните меѓу нив ги темелат своите тези врз културните и јазичните параметри. Кај нас, во Македонија, без сомнение најзначаен теоретичар на нацијата е професор доктор Ганка Цветанова, автор на книга што денес ја промовираме, а која има наслов „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“, во издание на угледната издавачка куќа „Арс Ламина“ од Скопје. Оваа научна студија на професор Цветанова е оригинален социолошки, политиколошки, социо-лингвистички, македонистички и метаисториски прилог кон теоријата на нацијата и искуствата на современата македонска нација и култура.

Зошто таа се определува за наслов на својата книга во којшто се споени три категории: социолошкиот дискурс на Крсте Мисирков (1874–1926), македонскиот идентитет и нацијата?

Прво, општествениот ангажман на проф. Цветанова има оставено неизбришлива трага врз современата македонска култура.

Второ, докторската дисертација на проф. Цветанова ја официјализираше модерната теорија на нацијата во македонската наука и трасираше пат за една научна поддисциплина, која има допирни точки со други дисциплини, општествени реалности и уставни концепции.

Трето, последните десетина години проф. Цветанова покажа темелен интерес за културниот и јазичниот аспект на македонскиот идентитет и објави неколку студии на теми поврзани со социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков, македонскиот идентитет и теоријата на нацијата. Цветанова во двете значајни публикации на МАНУ ги објави текстовите Мисирков и стандардизацијата на македонскиот јазик како основа и извор на политичката легитимност на македонската нација. Таа, меѓу другото, се вклучи и во неколку проекти на МАНУ, едниот за македонската етнокултурна и политичка историја, од којшто произлезе колективниот труд за историјата на Македонија (2020), другиот проект остварен во соработка со Полската академија на науките (2022) и третиот (2023) посветен на Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург, предводено од Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски – политички и организационен раководител на МНЛД, здружение на истакнати млади македонски интелектуалци што студирале и твореле како емигранти во Русија, Србија, Украина, Бугарија, Грција и други држави. Поради таквиот меѓународен образовен и научен бекграунд, овие македонски интелектуалци и културно-политички дејци имале развиен осет за почитување на идентитетските другости, но и на идентитетските сродности (јужнословенски, општословенски).

Токму ова МНЛД од Санкт Петербург има примарни заслуги во дипломатската и политичката промоција на македонската национална кауза, промоција поткрепена со научна аргументација и интензивна дипломатска дејност. Овa здружение се јавува во време кога се вкрстуваат трите развојни фази на македонското национално освестување: етнокултурното, револуционерното и политичкото. Не случајно во МАНУ одамна постои иницијатива МНЛД да се прогласи како предисторија и претходник на МАНУ, според моделот практикуван од страна на повеќе држави во регионот.

Проф. Цветанoва покажува доследност, темелност и рафинираност во научните проучувања и нивната презентација во јавноста со своите статии и сега со оваа своја публикација која треба да биде задолжителна лектира на секој интелектуалец, секој политички ангажиран деец, на секој кој се занимава со медиумска дејност и истражувања во областа на општествените и хуманистичките науки. Таа поаѓа од тезата дека улогата на Мисирков во стандардизацијата на македонскиот јазик е основа на политичката легитимност на македонската нација, како конститутивен елемент на македонскиот национален идентитет. Државниот јазик е интегративен чинител на нацијата и основна алатка за успешно функционирање на државата, па треба да биде неотуѓива уставна, национална и цивилизациска придобивка на секоја унитарна држава каква што е Македонија.

Со најновата публикација на проф. Цветанова, науката добива уникатно трансдисциплинарно толкување на „феноменот Мисирков“: неговото авангардно дело од почетокот на 20 век. Во што се состои авангардноста на Мисирков? Тој е национален двигател, политички мислител и визионер, кој ги поставува „темелите на македонската културна и национална парадигма“. Важноста на секоја исклучителна историска личност е рефлексија на тесната поврзаност на неговиот животен и творечки пат со судбината на народот и на нацијата. Егзистенцијалните искушенија се воедно и творечки искушенија. Македонските национални предизвици за Мисирков се негови творечки предизвици. Неговиот живот и творештво ја раскажуваат истата сложена и трагична приказна: да биде врвен научник според европски критериуми, да биде под постојан надзор и цензура според анахроните балкански критериуми, да биде аватар на модерната теорија на нацијата, да покаже духовна зрелост и политичка мудрост по однос на македонското прашање, по однос на општословенската, но и балканската констелација.

Ако се знае дека етаблирањето на македонската нација во статус на легитимен политички и државен субјект се одвивало со сериозни опструкции од страна на соседите (систематски антимакедонски пропаганди, хегемонистички аспирации и стратегии), притоа без влијателни европски патрони и промотори какви што имале соседните држави и нации, тогаш е јасно зошто во фазата на политичката легитимација на македонската нација доаѓало до драматични осцилации и трагични востанија, а последователно зошто и денес се обновува таквиот дискурс со нови софистицирани методи и нова реторика.

Добивме дело во коешто се промислува секој аспект на македонската нација во рамките на релевантната научна парадигма на нацијата: – националната самоидентификација; – јазичната стандардизација и политичката еманципација; – македонскиот протонационализам во XIX век; – теориските концепции на Мисирков: од културен национализам до визија за политичка автономија; – посебноста на македонската култура и создавањето македонска автономна политичка единица; – Мисирков и поимот културен национализам; – македонската интелигенција во процесот на националното осознавање; – високата култура и стандардизацијата на македонскиот јазик.

Студијата на проф. Цветанова е вистинско освежување на македонската мисирковистика, затоа што влегува во подрачјето на современите социолошки теории, теориите на нацијата и културната историја. Таа применува комбиниран метод на интерпретација и херменевтика: компаративен и социолошко-имагинативен метод кој ѝ овозможува да ја докаже својата теза за нацијата како „културно-политички проект“. Ако еден од овие аспекти отпадне, паѓа и легитимитетот на нацијата. Доаѓа до национална ентропија, распад проследен со фрагментација (балканизација, федерализација или кантонизација) на државата. Поради тоа, оваа публикација на проф. Ганка Цветанова опоменува дека опстанокот на нацијата е во корелација со опстанокот на сите аспекти на нацијата како една неделива целина.

(промотивна беседа, 6.4.2026)