Македонија во европската мелница

Митрополит повардарски Агатангел (Станковски)

Богат е оној човек што во Бога се богати. Богат е оној народ што со збогатени слова на Бога слава му вознесува. Среќен е оној народ што како тенок вез на народна носија, светото име Божјо на својот јазик го пришива. Умен е оној човек што не трупа минливи непотребности, кои молецот и ˋрѓата ги гризат и разјадуваат. Стамен е оној народ што од слова духовни својот вечен дом го гради, а во својот скриен параклис на Бога чисти молитви за навек му принесува.

Само словото смирено ја има својата вечна вредност. Само словото духовно е способно да го изгради мостот на почитта и разбирањето. А словото горко, словото жалосно, уште пред да биде изречено, ја има силата да ја сруши и убие секоја скапоценост, секоја добра мисла, секоја верна љубов, секоја добронамерност и пријателство.
За жал, такви слова варварски, слова прости и недоветни, ветрот на злото од исток ни донесува. Такви слова бурни, полни со црни облаци, со погубен град, со црн метеж и виулици, над чистото македонско небо секојдневно со закана се надвиснати.

Крвави траги, јалова и распукана земја, угнетен народ… тоа е она што по невремето ни останало. Оние што со векови ни го криеле и газеле сонцето, сега се важни и надмени портири на влезот кон Европа. Некој непромислено ги овластил со таква моќ. Гледаме на што е сведена целата работа. Една распарчена, поделена и немоќна земја е оставена самата да се бори со сиот духовен шунд, со сета одвратна антицивилизација, која во меѓувреме го узурпирала тронот на оние вредности што на Европа скапо ѝ ја имаат платено славата. Од овие ситни луѓе, кои се Европејци на уста, но средновековни Монголи во душа, ние како народ ништо немаме научено, и покрај тоа што повеќе од илјада години се наши најблиски соседи. Досега ни се познати само грабежи, маки и црнила.

И бидејќи немаат со што да нѐ збогатат, решија да пуштат во нашето ткиво уште еден смртоносен отров, па на нивниот Културен центар во Битола му ставија име на одроден фашист и си ја накитија неговата внатрешност со негови славни цитати, кои само на Гебелс и на Павелиќ им се разбирливи. И после ќе се дрзнат без срам да ни речат: па, ние сме ист народ. А како тоа сме ист народ, кога ехото од вашите постапки својот зачеток го има во подземјето, во длабоките простори на темнината, каде што светлоста на нормалното никогаш не е пристигната. Ете, пред каква антикултура префинетата Европа замижува. Се чини, и таа, откако свесно се откорна од своите славни христијански корени, лесно и без срам се оспособува да им ѕида споменици на духовни накази и чудовишта.

Фото: Игор Бансколиев

Но македонскиот народ и ова невреме ќе го преброди, и оваа лута рана ќе ја зацели. Трпението е наша одлика, времето е наш сојузник, оти од Божјиот прст е создадено и благословено, за во него да се оствари Неговата света промисла. Оној што не е сигурен во себеси, оној што самиот се мрази и не се почитува, тој е склон кон уцени и омраза спрема другиот, особено спрема различниот и послабиот од себе. Оној, пак, што со Бога преку молитва и добри дела се обогатил е способен да го прегрне целиот свет, да ја почитува секоја воздишка, да ја пружи раката во секоја мака и неволја. Таквиот, кога ќе настапи денот на страшните и погубни искушенија, му е верен сотрудник и сопатник на малиот и нејакиот.

Она што сега ни го сервира бугарската држава е пример за лична слабост и несигурност на еден грст луѓе, кои на сомнителен начин се дограбиле до светска моќ, па не знаејќи како да се справат со ваквата одговорност, решиле да ја трујат душата и на својот народ, но и на оние што им се во нивното непосредно опкружување. Ние знаеме дека ова не им е првпат. Паметиме добро какви сѐ не злосторства им направиле на нашите предци. Знаеме какви бесрамни дела оставиле меѓу нашиот народ. Фала му на Бога, уште има живи сведоци на нивниот крвопис, кој сѐ уште нема запрено југоисточно од Пирин. Не постои град во денешна Македонија што нема споменик на нивните злодела. Илјадници мажи и жени, во цутот на младоста, прерано го завршиле својот живот при обидот да му застанат на патот на лудилото. Освен омраза, биење и секакво понижување, друго не останало во народното сеќавање од делата на нивните раце. И сега, наместо со наведната глава да се обидат да го искоренат црното семе што го посеале нивните татковци, тие, напротив, решиле да го воскреснат духот што насекаде ги вдахновувал смртта и омразата во нашата татковина. Умниот човек учи од своите грешки и никогаш не го повторува гревот што во најдолниот пекол ја држел заробена неговата душа. Недоветниот, пак, се гордее со својата неразумност и кади пред тотемот на својот личен и национален срам.
Таква е природата на непокајанието. Оној што не ги признава и не прави обиди со солзи да ги надмине своите грешки, тој постојано тоне во калта на гревот и вечно е осуден, одново и одново, истите тие да ги повторува и до недоглед да ги надградува. Она што за светот е ненормално, за него е дика и награда, она што за разумноста е далечно и неприфатливо, тоа за него е радост и вистина.

За жал, со таков полусвет денес си имаме работа. Нивната недоветност е во сјаен костим и по најнова мода облечена. Крвникот, и овој пат, го обвинува јагнето дека водата му ја заматува.

Но, фала му на Бога, со ум и трпение и оваа неправда ќе ја надминеме. Наше е секоја древна мудрост да ја зачуваме неизвалкана. Никогаш да не заборавиме дека врз Светиклиментовото дрво сме накалемени. Ако не биле храброста и одлучноста на Свети Климента и на светите благочестиви македонски седмочисленици, немало да бидат породени ниту Свети Јоаким Крчовски, ниту Свети Кирил Пејчиновиќ, ниту Прличев, ниту пак Рацин. Во тој кладенец, во тоа богато врело сите ние сме покрстени. Од таа бања на спасението сите ние сме очистени. Од тој извор ја пиеме живата вода Христова. Нивната ука и поука, како крв духовна протекуваат низ нашите вени. Без делата на нивните раце ќе немавме ништо свое. Ќе ги немавме ниту јазикот ниту својот идентитет. Ќе го немавме ни примерот дека дарбите не треба себично да се чуваат, туку треба да се делат со оние на кои во моментот им се најпотребни. Па затоа, слично на нив, и ден-денес, како македонски народ, сме подготвени да сечеме од себе и да ја раздаваме благородноста, знаејќи притоа дека Бог на дарежливиот ништо не му ускратува, туку до недоглед доблестите му ги преумножува. Таквиот човек во себе ги чува и надоградува Божјиот образ и подобие. И тој, слично на семоќниот Бог и Седржител, е творец и креатор на благочестиви светови. Преку својот јазик, преку своето благословено слово, преку своите дела и постапки, тој во мир, љубов и божествена хармонија сѐ околу себе подредува и уредува. Затоа е потребно јазикот да ни биде чист и неосквернет како пченица, словото да ни е богато со божествени убавини, чекорот да ни е прав и исправен, а од нашите дела и постапки да излегуваат секоја правда и вистина.

Ако така постапуваме, во сѐ што ќе наумиме и преземеме, ќе го имаме Божјиот благослов. Само така, светот со почит и пофалби ќе ни воздаде достојна благодарност. Тоа е единствениот начин на Земјата да бидеме паметени илјадници години, а во вечноста да имаме палата од десната страна на Отецот и Синот и Светиот Дух.