Илустрација: „Нова Македонија“

Мултиполарната перспектива како траса на нови можности за идните генерации

Македонија како држава можеби за првпат од самостојноста се соочува со предизвици што ќе ја одредат нејзината иднина во следните најмалку 50 години, па од тие причини на сите потези што се влечат не може да се гледа низ призмата на обични политички одлуки, туку многу повеќе на трасирање на иднината за новите генерации. Гледано низ една мултиполарна перспектива што сега се отвора, ризиците од носење избрзани одлуки, особено оние што го загрозуваат македонскиот идентитет, мора добро да се пресметуваат и без оглед која и да е крајната цел, не смеат да се прават никакви отстапки што на долг рок би значеле исчезнување на еден цел народ, на неговиот јазик, историја и култура

Полека, но сигурно почнуваат да се исцртуваат контурите на новиот мултиполарен свет во кој умешноста на водењето политики е круцијално за доброто позиционирање на секоја земја на идната светска геостратешка мапа.

Без оглед што во овој момент сето она што се случува насекаде изгледа конфузно, сепак сите невралгични точки се дел од плановите на одредени центри на моќ, кои сега не се еден или два, туку многу повеќе, што јасно говори за идната структура на новиот мултиполарен свет.

Настрана моќта, која ја дефинира силината на лостовите на државното управување во домашен и меѓународен контекст и ја одредува позицијата на државата и политичките елити, во ваква фрагилна (надворешнополитичка) позиција, легитимно се наметнува едно прашање, каде одиме и каде сакаме да стигнеме?

Ново дефинирање на македонските амбиции

Македонија како држава можеби за првпат од самостојноста се соочува со предизвици што ќе ја одредат нејзината иднина во следните најмалку 50 години, па од тие причини на сите потези што се влечат не може да се гледа низ призмата на обични политички одлуки, туку многу повеќе на трасирање на иднината за новите генерации.
Гледано низ една мултиполарна перспектива што сега се отвора, ризиците од носење избрзани одлуки, особено оние што го загрозуваат македонскиот идентитет, мора добро да се пресметуваат и без оглед која да е крајната цел, не смеат да се прават никакви отстапки што на долг рок би значеле исчезнување на еден цел народ, на неговиот јазик, историја и култура.

Таквите „идентитетски високи ризици“ мора одново да ја дефинираат македонската амбиција за европско интегрирање, која мора да се потпира исклучиво на однапред утврдените европски критериуми, без да се прифаќа какво било условување надвор од преговарачката практика што важела за сите актуелни земји членки.

Тоа значи дека новата мултиполарна реалност не смее да ги затекне македонските политички елити неподготвени за сите овие предизвици, особено не сега кога буквално од ден на ден се гледаат потези што значат нови и нови редефинирања на интересите на големите сили.

Македонската надворешна политика во овој момент добро се носи со случувањата на глобално ниво, но самата динамика на настаните диктира предефинирање на стратешките политики многу пофреквентно за разлика од порано, кога се одредуваа една или две стратешки цели и во следните декади се работеше на нивно остварување.

Новата мултиполарна реалност наметнува динамична надворешна политика и будно следење на сите сигнали што доаѓаат од повеќе страни, за да може државата навремено да се постави онака како што налагаат нејзините национални интереси.

Време е за унисон државен настап

Иако сè уште е делумно консолидирана демократија, Република Македонија со години не успеваше да им даде приоритет на своите компаративни предности, кои навистина ги има, но секогаш во прв план се наоѓало задоволувањето на интересите или на НАТО или, пак, на Европската Унија. Наместо политиките насочени кон остварување на нашите две клучни стратешки цели да се постават на рамноправна основа со оние со кои преговаравме, Македонија се стави во позиција на потчинет што мора да ги исполнува барањата на оние на кои сака да им се придружи, дури и тогаш кога тие се ирационални и погубни по нејзината иднина.

И што е уште потрагично, водечките политичари во минатото никогаш не настапуваа како целина (во името на нацијата и државата), туку многу повеќе од името на тесните политички елити или на поединци што се на власт во моментот, па „фактурите“ кон големите тие ги испраќаа во свое име, давајќи ветувања што не можат да ги исполнат и втурнувајќи ја државата во подредена улога кон другите. Токму сега е време да се стави точка на тој персонален или тесно-групен лукративен приод. Имајќи ги предвид сите болни отстапки што земјава ги направи, таквите поведенија, набљудувани од оваа историска дистанца, реално не може никако поинаку да се оквалификуваат, освен како велепредавство (за што треба да се суди) или, пак, тие што го поттикнаа и направија тоа, едноставно не се свесни за цената на отстапките што беа направени на сметка на остварувањето на националните интереси (и за ова се суди, но со олеснителна околност, дека е сторено од небрежност, незнаење, необразованост…)
Истите тие оправдување за своите постапки наоѓаа така што го користеа потценувањето на народот, дека сами не можеме, дека ни е потребен камшикар однадвор и слично, а правеа сѐ внатрешните реформи никогаш да не се случат за да можат непречено да ја ползуваат власта како алатка за лично богатење, наместо да отворат перспектива за иднината на државата и нејзините граѓани.

Алтернативите ги исклучуваат уцените

Сега одеднаш кога светот станува мултиполарен, повторно до израз доаѓаат повеќето перспективи што отвораат можност државата вистински да напредува и да се движи кон целите што сега повторно може да ги зацртува.
– Новиот мултиполарен свет што сега се раѓа, отвора повеќе можности за земјава што треба да се искористат, но истовремено да се води сметка за националните интереси, односно тие да не се загрозуваат. Ако правецот што сме го одбрале во одреден момент покаже одредени ризици за нашите интереси, мултиполарноста секогаш овозможува нова алтернатива, некогаш заобиколен пат кон нашата цел, некогаш помош од нашите сојузници и партнери, а некогаш и отворање на нов пат кон кој ќе се движи државата.

Кога постојат повеќе алтернативи, тогаш уцената не може да биде алатка затоа што сите знаат дека ако на едно место не нѐ сакаат, ќе си најдеме друг пат и тука во вода паѓаат нечии други повисоки интереси. Затоа мултиполарноста е добра, овозможува повеќе алтернативи, наместо како досега само една – велат геостратешките експерти.
Според нив, Македонија мора постојано да ги следи новите прегрупирања на светската мапа за да може подобро да се позиционира во овој нов мултиполарен свет.
– Македонија е континентална земја, но е релативно блиску до излезот на три мориња, а нејзината географија овозможува таа да биде клучниот европски јазол за сета инфраструктура важна за Европа. Ниту Бугарија, ниту Албанија се поволни за европските коридори кон југот на континентот, туку долината на реката Вардар е природниот тек. Велика Британија проценила дека во нејзин интерес е на некој начин да има контрола над идната брза железница по должината на коридорот 10, а за НАТО е клучно железничкото поврзување на Јадранско со Црно море преку коридорот 8 бидејќи идната европска одбрана од исток ќе оди токму по црноморската линија. Да не го заборавиме и вековниот проект „Вардарска Долина“, кој сѐ уште има стратешка важност и децении наназад Франција се залагаше за негова реализација бидејќи тоа ќе значи и водена врска од Егејот до Дунав. Ова не смееме никако да го занемариме и од тие причини Македонија е важна во овие нови прегрупирања, а мултиполарниот свет дефинира повеќе големи играчи на светската сцена, кои меѓусебно ќе ги поделат сферите на влијанија и така во иднина ќе се креираат идните светски политики. За нас е важно да инсистираме на почитување на меѓународното право, на заштита на националните интереси, на заштита на идентитетот и тоа да биде нашата појдовна позиција во склопувањето на идни партнерства. Таквиот однос и новиот мултиполарен светски систем одат во прилог и на македонската економија, која преку новите стратешки партнерства ќе може да се расплине во пошироки рамки и на тој начин да се случи и економски бум во земјава што ќе значи и просперитет и подобар живот за сите граѓани – заклучуваат познавачите на геостратешките состојби, коментирајќи каде се наоѓа Македонија во еден нов мултиполарен свет и кон што треба да се стреми.