Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествува на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој се одржува во Вашингтон, во рамки на втората сесија од овој билатерален процес.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека дијалогот претставува важна платформа за продлабочување на соработката, со акцент на безбедноста, владеењето на правото и институционалниот развој.
Во разговорите, МВР става посебен фокус на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и на унапредување на разузнавачката соработка со партнерските служби.
Тошковски истакна дека стратешкиот дијалог носи конкретни резултати за безбедноста на граѓаните, овозможувајќи посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и развој на модерни институции.
Од Министерството посочуваат дека значајна е и поддршката од САД во вредност од над 3,5 милиони долари, наменета за зајакнување на капацитетите на МВР, што претставува директна инвестиција во безбедноста.
Паралелно се работи и на унапредување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, со цел подобра заштита на институциите и критичната инфраструктура.
Од МВР нагласуваат дека САД остануваат клучен стратешки партнер и сојузник во јакнењето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети на државата.

































