Евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови, беше соопштено на Конференцијата на Бонската конвенција во Самарканд, Узбекистан, а објави Македонското еколошко друштво (МЕД).
– Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија – вели Диме Меловски од МЕД.
Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција.
– Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација – истакна Меловски.
Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно, бидејќи, со овој чин, властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка. Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис.
Распространувањето му е низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана.
Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис.
Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис.
– Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис. Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното – вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација Еуронатур.
Конвенцијата за заштита на миграторни видови диви животни, позната како Бонска конвенција, како договор на Обединетите нации обезбедува глобална платформа за заштита на преселните животни и нивните живеалишта. Таквите видови на кои им се заканува истребување се вклучени на Прилог 1 од Конвенцијата. Страните што претставуваат земји на опфат на споменатите миграторни видови ќе настојуваат да ги зачуваат овие животни, да ги зачувуваат и обновуваат нивните живеалишта, да ги отстрануваат пречките за нивната миграција и да ги контролираат факторите што го загрозуваат видот. Покрај обврските што ги презема секоја земја потписничка на Конвенцијата, овој договор промовира и заедничко дејствување помеѓу земјите на опфат на видот.
Сите партнерски организации од Програмата за закрепнување на балканскиот рис (Еуронатур од Германија, КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово) се залагаат да ги прошират и споделат сознанијата за рисот, да остварат ефективна заштита на оваа таинствена мачка и да ги зачуваат нејзините живеалишта.