Порача Александар Николоски во Советот на Европа
Една земја-членка Бугарија не е посветена на своите обврски како членка на Советот на Европа. Бугарија со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права. Има 16 пресуди на Судот поврзани со Македонците во Бугарија, кои не се спроведуваат. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат својот мајчин јазик, ограничено им е на правото на собирање, како и учество на избори, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во Советот на Европа. Тој се осврна и на годишниот извештај за правата на Македонците во Бугарија.
– Ова е многу важен извештај. Како што јасно се вели во неговото резиме: „Оваа работа се појави во контекст на зголемената меѓусебна поврзаност помеѓу улогите на Европскиот суд за човекови права, националните уставни судови и Судот на правдата на Европската унија. Со оглед на отсуството на јасна уставна хиерархија меѓу овие јурисдикции, ние се занимаваме со еден вид „конституционализам на повеќе нивоа – наведува Николоски.
Човековите права во Европа не се тринасочна улица, тоа е еднонасочна улица! Националните уставни судови, како и Судот на правдата на ЕУ, мора да бидат во согласност со Европскиот суд за човекови права, како најважен европски суд за заштита на човековите права. Исто така, потребни се подобрувања за да се осигура дека домашните судови соодветно се ангажираат со судската пракса на Европскиот суд за човекови права при примената на човековите права на домашно ниво – вклучително и преку тоа да се направат достапни насоките од Судот на сите јазици на Советот на Европа.
Во извештајот јасно е напишано дека – речиси сите земји одговориле дека нивните судови се повикуваат на Конвенцијата кога одлучуваат за прашањата за човековите права, во истата реченица во извештајот за Бугарија и неколку други земји се вели – сепак, степенот до кој Конвенцијата и/или одлуките на Европскиот суд за човекови права се почитуваат, се разликува.
Се согласувам со овие позиции во извештајот и мислам дека тие треба да бидат поцврсти во формулацијата и подиректно да бараат од земјите како Бугарија целосно да го прилагоди својот политички систем и истиот да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитува човековите права на сите националните малцинства, вклучително и Македонците. Бугарите се многу гласни за случаи надвор од границите на нивната земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот. Ова не е прифатливо.
Целосното почитување на Конвенцијата и националниот уставен поредок не е антитетично, туку е целосно комплементарно. Собранието треба да смета дека приоритет во Советот на Европа треба да биде зајакнувањето на правниот и моралниот авторитет на Конвенцијата, заклучува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.