Мајката на четиригодишното девојче кое со гангрена на дланките и стапалата и повреди по телото беше однесено в болница, ќе мора да ги зајакне родителските вештини за да си ги добие назад трите одземени деца, објави „Макфакс“. Министерката за труд и социјала Јована Тренчевска, вели дека нема податоци од каде е семејството, оти немаат документи и покрај бројните повици таквите лица да се евидентираат, но извести дека семејството има уште три деца кои сега ги чува дедото, а во тек е постапка за нивно сместување во згрижувачки семејства.
– Се работи за семејство кое не е од Струмица, дојдено е привремено овде. Се работи за семејство со уште три малолетни деца. Во моментов децата се кај нивниот дедо и се работи на тоа да бидат сместени во згрижувачко семејство. Мајката е со детето во Детската клиника во Скопје. Штом се подобри состојбата, се надевам дека ќе се подобри, стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство, за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите дека може да се грижи за децата, да им бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца – рече Тренчевска денес, по отворањето на нова сензорна соба во градинката „Виножито“ во Струмица, донација од Кина.