Поради маглата во Скопската котлина дел од утринските летови од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се реализираат со задоцнување, покажуваат податоците од веб страницата на аердромот.
Покрај во Скопје појава на магла со намалена видливост има во Полог, Пелагонија, Куманово, централниот дел на Повардарието.
АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата информира дека е намалена видливоста на патните правци Тетово – Групчин, Битола – Прилеп, Скопје – Куманово и Скопје – Велес е намалена на 20 – 30 метри.
УХМР најави дека и во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со релативно високи дневни температури. По котлините, вклучувајќи ја и Скопската, и понатаму ќе има појава на магла и ниска облачност со променлив интензитет, особено во ноќните и претпладневните часови, како и пониски дневни температури. В среда ќе дува умерен северозападен ветер, што ќе ги намали условите за магла.
Најстудено изутрина е во Берово каде се измерени -5 степени, следат Прилеп со -4, -3 Струмица и Виница, -2 Битола и -1 Тетово, Штип, Дебар и Лазарополе. Нула степени изутрина во седум часот се регистрирани во Куманово и во Маврови Анови, 1 Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Гевгелија, Крива Паланка и Претор, два во Охрид, Демир Капија и Попова Шапка, три во Крушево.
Како и во текот на ноќта и утрово во голем дел од земјава преовладува ведро време. По котлините (особено Полог, Пелагонија, Скопје, Куманово, централниот дел на Повардарието) има појава на магла со намалена видливост под 200 метри. Во Охридското подрачје има зголемена ниска облачност.
Во најголем дел од земјава времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини и долж Повардарието ќе се задржи појавата на магла или ниска облачност, кои преку денот ќе се намалуваат. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 16 степени.
Во Скопје со магла и ниска облачност, кои преку денот делумно ќе се намалат. Максималната температура ќе достигне 6 степени.