Членовите на Судскиот совет, судијата Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа, доставија оставки до Министерот за правда, Кренар Лога, и се повлекоа од членство во Советот на ИКТ, бидејќи сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно – соопштуваат од Судскиот совет.
– Советот на ИКТ дејствуваше како тим со неговиот претседател Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество – се вели во оставката на судијата Георгиева, пренесуваат од Советот.
Во образложението на оставката на м-р Мустафа, како што дополнуваат, наведува дека по разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на mинистерот за правда Лога, и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот Совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело.
– И покрај сѐ, горд сум што бев член во тело што ги постави темелите и ги воспостави насоките за дигитално судство и успеа да воведе алатки и сервиси кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните до правдата и на правосудните органи, а со тоа и зголемување на довербата на правосудството – наведува Мустафа.
Министерот за правда, Кренар Лога, изминатата недела го разреши судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, Лазар Нанев, од функцијата член на Советот за ИКТ и со тоа од функцијата претседател на ова тело.
– До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев – изјави своевремено Лога.
Појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
Лога, на прес-конференцијата тогаш информираше и дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.