Интересни сознанија од археолошките ископувања во атарот на селото Младо Нагоричане, Кумановско
Како најдобар показател за тесната поврзаност на Градиште со македонското кралство на југ, секако, се годинашните наоди од аплики за врата. Покрај стандардните, кружни аплики што се среќаваат на поширока територија, откриени се и неколку со издаден и профилиран врв. Идентични такви наоди има на вратите од гробницата во Агиа Параскеви кај Солун и Лангаза, прецизно датирани кон крајот на 4 век и почетокот на 3 век пред нашата ера, вели археологот и раководител на проектот, Дејан Ѓорѓиевски. Со новите наоди дополнително се потврдуваат сознанијата дека локалитетот не им припаѓал ниту на грчки, ниту на илирски, ниту на кои било други народи, туку на античките македонски кралеви, со што се потврдува неговото македонско потекло
Завршија археолошките ископувања на локалитетот Градиште во атарот на селото Младо Нагоричане, кои беа насочени кон градбите откриени во изминатите години, конкретно во т.н. средна траса. Според последното истражување, археолозите од националната установа Музеј Куманово претпоставуваат дека откриените ѕидови се меѓу највредните и најодржуваните објекти на споменатиот археолошки локалитет.
Се верува дека станува збор за бедем што бил граден во неколку фази во текот на целиот антички период додека постоел локалитетот. Археолошките наоди посочуваат дека на западната страна на бедемот била доградена и кула, која имала улога во одбраната. Меѓутоа конфигурацијата укажува дека бедемот настрадал со ерозивните дејства на локалитетот, за кои се верува дека се настанати како резултат на активности од поново време. Наодите можат да се видат во музејската поставка во Куманово, а достапни се и на официјалната страница на НУ Музеј Куманово.
– Од големо значење за нас и за македонската археологија ќе биде да продолжиме со сондажните ископувања, преку кои имаме единствена можност да го проучуваме процесот на формирање на првите градови во регионот и автохтониот развој на цивилизациските текови, пред овие области да бидат освоени од Римјаните и целосно да бидат вклучени со античката римска култура – изјави в.д. директорката Марија Миљуш Божурска.
Археологот и раководител на проектот, Дејан Ѓорѓиевски, вели дека податоците даваат интересни сознанија, кои повторно ја потврдуваат значајната улога што ја има локалитетот во периодот на раната антика. Според историските податоци, истражуваниот локалитет се наоѓа на територија што од 3 до 2 век пред нашата ера претставувала фронтална линија во борбите на античките македонски кралеви против континуираните напади на Дарданците кон југ, по освојувањето на пајонските територии. Откриениот бедем со придружните елементи немал улога да ја заштити целата населба, туку само најгорниот, акрополен дел, од каде што потекнуваат и најексклузивните наоди.
– Со последните истражувања е отворен северниот дел од објектот на акрополата, со цел да се утврди дали се тоа повеќе објекти или нешто поголемо. Со откривањето на неговите северни граници можеме да заклучиме дека целиот највисок дел на ридот бил искористен за градење на само еден голем објект, кој според својата форма бил од резиденцијален тип, односно палата. Градбата ја карактеризираат неколку уникатни содржини. Имено, тука се пронајдени целосно зачувани јонски капители и бази од предримски период, односно од 4 до 3 век пред нашата ера, кои, засега, се единствени од ваков тип во државава. Градбата има и просторија во која била складирана вода, градена со под од малтер и со тоа асоцира на бања, каква што има на Вардарски Рид (македонски град Гортинија), но и во кралските палати во Вергина и Пела – вели Дејан Ѓорѓиевски.
Во 2023 година ископувањата беа насочени на највисокиот дел на ридот, со што се продолжило откривањето на градбата од 2014 година. Дејан Ѓорѓиевски вели дека значењето на овој локалитет за музејската збирка на Музеј Куманово е огромно, затоа што претставува единствен истражуван локалитет од периодот непосредно по смртта на Александар Македонски (323 година пред нашата ера).
– Дел од наодите претставуваат уникати и засега се единствени по музејските збирки во државава, што е изненадување, знаејќи ги местоположбата на кумановските регион и оддалеченоста од македонските центри – Вергина, Пела и Олинт – вели Ѓорѓиевски.
Споменатиот локалитет се ископува од 2014 година, а првите истражувања беа иницирани од Управата за заштита на културното наследство и финансирани како капитален владин проект, благодарејќи на големото откритие на депо од пајонски монети (13 сребрени монети на кралот Аудолеон – две тетрадрахми, една дидрахма, десет драхми). Во периодот 2014-2017 истражувањата беа изведени заедно со Филозофскиот факултет во Скопје, под раководство на проф. д-р Марјан Јованов. Во овој период е работено на највисокиот дел од локалитетот, каде што е пронајдена поголема градба со голем број наоди.
Од 2018 година, кумановските археолози самостојно го истражуваат локалитетот, меѓутоа истражувања се воделе и во други делови на локалитетот Градиште, односно Средна и Долна Тераса. Во овој дел се пронајдени внатрешни одбранбени ѕидови, како и интервенции на карпа за кои се верува дека се светилиште каде што се изведувани ритуали. Истовремено, националната установа Музеј Куманово е пионер во геофизичките истражувања и во соработка со Археолошкиот музеј се скенирани најважните делови, кои во периодот што следува ќе бидат од интерес на истражување.
За значењето на локалитетот Градиште, Дејан Ѓорѓиевски вели дека заедно со откриените ѕидови во владетелската палата на Кнежје, објектот на Теќе – Отовица и т.н. „стоа“ на Вардарски Рид, новите наоди ги побиваат тезите дека малтерните ѕидови кај нас се јавуваат првпат со доаѓањето на Римјаните.
– Сличности со Пела се забележуваат и во системот на транспорт и филтрирање на водата. Како најдобар показател за тесната поврзаност на овој објект со македонското кралство на југ, секако, се годинашните наоди од аплики за врата. Покрај стандардните, кружни аплики што се среќаваат на поширока територија, откриени се и неколку со издаден и профилиран врв. Идентични такви наоди има на вратите од гробницата во Агиа Параскеви кај Солун и Лангаза, прецизно датирани кон крајот на 4 век и почетокот на 3 век пред нашата ера – вели Ѓорѓиевски. Д.Ст.