Веднаш ќе започне привремената заштита на „Македониумот“ во Крушево, а до средината на идната година ќе биде готов проектот за целосна реконструкција на споменикот од прва категорија „Илинден“ или попознатиот „Македониум“ во Крушево.
Министерството за култура и туризам додели 2,5 милиони денари за привремената заштита од протекување во „Македониумот“. Паралелно ќе се работи на проектот за целосна реконструкција на споменикот. Ова го констатираа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и надлежните од прилепскиот Завод и музеј при денешниот увид на состојбите во Споменикот во Крушево. Денешниот дожд ја нагласи потребата од итната интервенција за да се запре, прво, протекувањето во „Македониумот“.
Според министерот Љутков, парите од 2,5 милиони денари се од годинашната програма на Министерството.
– Министерството во својата програма за 2025 година има обезбедено 2,5 милиони денари за привремена заштита на „Македониумот“, посебно во деловите каде имаме увидено дека прокапува. Тоа е интервентна, или, времена заштита сѐ до изработката на новиот проект на кој моментално се работи за целосна реконструкција и конзервација на „Македониумот“ – изјави министерот Зоран Љутков.
Привремената санација на споменикот треба да биде готова до големите снегови, а протекувањето е од витражите, констатира Мимоза Христоска, директорка на прилепскиот Завод и музеј под чија надлежност е споменикот.
– Најголемото протекување во „Македониумот“ е од витражните стакла. При различните температурни разлики, стаклото се шири и се собира и оштетувањата пропуштаат. И самиот спој помеѓу бетонот и стаклото е проблем и ја пропушта водата. Таа привремена заштита која треба да трае две до три години значи надворешно заштитување на витражите е за да се намали протокот на надворешните влијанија. А со целиот проект може да зборуваме за натамошна целосна реставрација и конзервација на споменикот – изјави Христоска.
При целосната реставрација, спред неа, неопходна е и помош од странски експерти.
– Со Министерството заедно ќе организираме помош од странските специјалисти кои се насочени исклучиво за витражно стакло. Со нивна помош ќе може да го изработиме и проектот, зашто тоа мора така да се спроведе при ваков капитален проект за заштита на едно културно добро од прва категорија – објаснува Христоска.
Министерот Љутков рече дека од 2014 година имало проект за санација на споменикот.
– Во 2017 година е поставено скеле за целосната реконструкција на „Македониумот“, но на крајот на таа година, со доаѓањето на претходната власт, скелето е остстрането и седум години нема никаква интервенција на споменикот, што е жално и тажно и покажува за една неодговорна и безобѕирна власт – рече Љутков.
Споменикот „Илинден“, или познатиот Македониум е дело на Богдан и Искра Грабул, а е отворен во употреба пред 51 година.