Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија за утре во 19 часот најави дека ќе одржи предупредувачки мирен протест пред Министерството за здравство. Протестот, како што велат од Сојузот, е поради тоа што лицата со дијабет не ја добиваат соодветната терапија.
-Завршија сите рокови, логички, правни, измислени и смислени игри и манипулации. Заврши времето на лаги и обезличување на 150.000 граѓани, на 45.000 лица со дијабетес на инсулин. Заврши сето што можеше „нашето“ министерство за здравство и „нашата“ Влада на Република Северна Македонија да ги манипулираа 700 дечиња и млади со пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери и со терапија. Ова доаѓа после најдолгото трпение, најголемата конструктивност, најпосветени за соработка, после многу инвестирање во достоинството наше, на лицата со дијабетес – се вели во соопштението испратено од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Од Сојузот велат дека и покрај тоа што има најиновативна инсулинска и анти – дијабетна терапија, тие не ја добиваат и прашуваат зошто е тоа така.
-Им поминаа и на администрацијата и на одговорните сите рокови. Затоа што дојде време да си го земеме она што по Устав, закон и буџет ни следи – се додава во соопштението.
Оттаму повикуваат на достоинствено однесување, без насилство и нарушување на јавниот ред и мир и напоменуваат дека ова е протест на лицата со диајбетес и се оградуваат од, како што велат, било какви други ознаки, присвојувања и обиди за негова инволвиораност во меѓу партиски, политички и други видови на пресметки.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари велат дека повеќе од половина година не добиваат навремена терапија, глукомери, игли и ленти, како и сетови за децата со Тип 1. Тие велат дека се приморани по неколку пати во месецот да одат до аптеките и во неизвеснот дали ќе стигнат на време потребните лекови, трошат дополнителни средства од својот домашен буџет.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, вели дека е свесен за проблемот на лицата со дијабет, а доцнењето според него се јавува поради административните процедури.