Пробугарската влада во заминување, за собраниската седница која ќе се одржи утре (среда), предложила неколку скандалозни законни во скратена постапка, под превезот на „стратешки” инвестициии, реагираат од Левица.
-Ова насилничко сценарио е веќе познато на народот, каде погубните закони за „стратешкиот инвеститор”, конзорциумот „Бехтел и Енка”, повторно беа донесени во скратена постапка, со шверц со европско знаме! За ваквиот скандалозен потег на СДС и ДУИ реагираше дури и дипломатијата на ЕУ во Македонија, која констатира дека европското знаменце е повторно злоупотребено од страна на власта. Еден од предложените закони во скратена постапка се однесува на соларна електрична централа – Пехчево, каде како инвеститор се јавува компанијата „ХЕК СОЛАР МК” ДОО Негрево. Оваа компанија е во сопственост на Бојан Славев Табутов, чиј брат Владимир Табутов е пратеник во бугарскиот парламент. Скандалозноста на целиот процес е што на 3 декември Владимир Табутов е избран за пратеник во Софија, додека само четири дена подоцна, Владата во Македонија носи одлука неговата компанија да биде стратешки инвеститор во енергија. Дополнително, компанијата „ХЕК СОЛАР МК” ДОО Негрево е регистрирана на иста адреса во Кисела Вода, каде се наоѓа компанијата на уште еден бугарски политичар – Павел Валнев. Валнев истовремено се јавува како сопственик и на фирми за марихуана во Кочани, Крушево и во Струмица и важи за бизнис партнер на поранешниот премиер Зоран Заев – се вели во соопштението од партијата.
Очигледно е дека Владата на Ковачевски, велат од Левица, единствено ги штити бизнис интересите на династијата Заеви со бугарските компании.
-Ваквите скандалозни предлог-закони нудат низа привилегии за бугарскиот инвеститор, додека најскандалозниот дел е што се трансформира земјоделско земјиште од прва класа во градежно земјиште! Дополнително, постетуваме дека Македонија досега нема донесено Правилник или изработено студија за тоа на кој начин би се користело градежно земјиште за агрофотоволтаични цели. Јасна е тенденцијата на пробугарската влада, која откако ги прифати врховистичките барања на официјална Софија со која го размонтира македонскиот антифашистички идентитет – сега продолжува да распродава земја на бугарскиот капитал! Оваа одродена и квинслишка влада, без никаков државотворен капацитет, единствено одработува за великодржавните апетити на соседните држави. Левица конечно апелира дека предавничките политики на социјал-демократите се реална опасност по егзистенцијата на македонската нација, и овој пат, одговорноста е во рацете на народот на 8-ми мај да го спречи процесот на разнебитувањето на Републиката! – реагираат од партијата.