Криминалистите низ повеќе истражувања статистички успеале да докажат дека во летниот период најмногу се реализираат провални кражби во домовите. Во една од студиите се презентира податокот дека кражбите во домовите налето се почести за 11 проценти отколку во другите годишни времиња. Во образложението се тврди дека летото е „укажаната и искористена шанса на провалниците, за да го ползуваат периодот на отсуството на сопствениците на становите и куќите или на оние што живеат таму и во нивно отсуство да извршат провални кражби и да се стекнат со противправна корист“
Со летото и годишните одмори доаѓа и зголемување на бројот на провалните кражби по куќите и становите
Со доаѓањето на летото и повисоките температури се зголемува и бројот на провални кражби во домовите и живеалиштата. И тоа не е само теза за докажување, туку тоа е веќе констатација, потврдена како факт од низа истражувања на криминалистите. Научниците истражувачи ѝ посветиле солидно внимание на оваа проблематика, како една област од криминалистиката, барајќи опипливи докази зошто во летниот период расте криминалот од тој домен. Која е причината, дали се тоа празните домови на луѓето што заминале на одмор или, пак, возилата паркирани во близина на плажите на незаштитени паркинзи, останува енигма, меѓутоа факт е дека бројката на таа форма на криминал расте во топлите летни денови.
Криминалците се опортунисти
Според многубројните истражувања направени токму за летниот период од годината, науката успеала да докаже дека расте бројката на криминални дела. Истражувањата покажуваат дека ограбувањата на празните домови на луѓето што заминале на одмор во летниот период се зголемуваат за 10,5 проценти. Постојат неколку теории за тоа која е причината поради која во летниот период расте бројот на криминалните дела.
Најчестите видови криминал во летниот период се кражбите во домовите на луѓето. Причина за тоа најчесто се отворените прозорци и поминувањето многу време надвор од домовите. Криминалците се опортунисти, па овие пригоди им доаѓаат доста добро.
Објаснувањата се доста едноставни. Според истражувањата, како што растат температурите, луѓето не се чувствуваат комотно. А токму тоа ја зголемува агресијата кај луѓето, што води до агресивно и криминално однесување.
Истражувачите на една американска студија потврдиле дека налето многу е поголема веројатноста да се настрада од насилство, силување и ограбување.
Сепак, истражувачите успеале да докажат дека во летниот период најмногу се реализираат кражби на домови. Во оваа студија, провалните кражби на домови налето се почести за 11 проценти отколку во другите годишни времиња, повторно како последица на користењето на годишните одмори.
СТАТИСТИКАТА ВЕЛИ ДЕКА ЛЕТОТО ИМ ДАВА ИМПУЛС НА ПРОВАЛНИЦИТЕ
Низ годините од Одделението за превенција при секторот за внатрешни работи во Скопје има реализирано низа кампањи за информирање на граѓаните за превенција од имотните деликти, односно како да го заштитат својот дом од кражби.
Според експертите, она што треба да го направат граѓаните доколку забележат провала во домот е веднаш да пријават на 112 или во најблиската полициска станица.
Од МВР во една анализа истакнаа дека во однос на заштитата на вредните предмети, кога заминуваат од својот дом, граѓаните треба да бидат особено внимателни и да не оставаат впечаток дека не се дома, односно да не го објавуваат своето отсуство на социјалните мрежи. Своите вредни предмети треба да ги заштитат во банкарски сефови, да инсталираат алармни уреди и безбедносни камери и сл. Тоа се дел од советите што полициските службеници во рамките на реализираните, а и планираните кампањи им ги потенцираат на граѓаните.
Основната правна рамка на кражбите е предвидена во Кривичниот законик, во главата за кривични дела против имотот, меѓу кои членот 235 „Кражба“ и членот 236 „Тешка кражба“. Во согласност со статистичките прегледи, само во временскиот период од јуни до август 2020 година, на подрачјето на СВР-Скопје се регистрирани вкупно 261 кривично дело кражби и тешки кражби. Од нив, 15 се регистрирани како кривично дело „кражба“, дело што е казниво по членот 235 од КЗ, додека десет дела се извршени во куќа, а пет дела се извршени во стан. Преостанатите 246 се регистрирани како кривично дело „тешка кражба“, дело што е казниво по членот 236 од КЗ, додека 133 дела се извршени во куќа, а 113 дела се извршени во стан.
Во рамките на годишната програма, Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи во Скопје реализира средби со граѓани во месни и урбани заедници. Ваквите активности се насочени кон превенција од имотни деликти, со едукација на граѓаните за поголема грижа и внимание како за личната безбедност така и за безбедноста на имотот.