Фото: Клиника за онкологија

Правиме натчовечки напори да ги обезбедиме со парите кои ги имаме колку што ги имаме, велат од Клиниката за онкологија и радиотерапија

Пред една година сум оперирана од карцином на дојка. Оттогаш примам терапија „капацитабоне“, таблетарна хемотерапија, меѓутоа овој лек го нема веќе три месеци. Тоа е единствениот лек што може да ме заштити, вели 47-годишна пациентка на Клиниката за онкологија и радиотерапија, којашто секој ден се бори за својот живот.
За лекот објснува дека се дава на пациенти за да ги заштити од ширење на метастази, или, пак, од повторно враќање на карциномот.

– Јас сум трипл негатив тоа е генетски тип на карцином, кој не е хорномски зависен ни од естроген ни од прогестерон и токму поради тоа за мене друга терапија не постои. Последен пат терапијата ја примив во август. После терапиите се прават други испитувања за кои едвај можеме да дојдеме на ред. Бев неодамна на контрола. На снимката се покажа нешто на црниот дроб. И сега, дали се работи за метастаза, дали се работи за малигна или бенигна циста, не можам да знам зашто не можам да добијам термин за преглед. И сега живеам во постојан страв и стрес, не знам што ми е – зборува пациентката.

Таа живее во внатрешноста од земјава, па за секој преглед или примање терапија мора да патува до Скопје.

– Едно одење и враќање до Скопје ме чини 2.500 денари. Па пред ординација чекаме шеесеттина жени, невиден стрес со часови. И на крај ќе ти кажат дека го нема лекот. Барем некако да нѐ известат да не доаѓаме залудно. Најмногу што ме иритира е што ова беше розов месец и се фалеа дека има терапии, а нема. На луѓето им зависи животот од тој лек. Оставени сме така. Ама не е само овој лек. Моја пријателка прима венозна терапија, „кацајла“. И тој лек го нема. Кога ќе отидеме, ќе ни речат само: Оставете ја историјата, ќе ви се јавиме. И не се јавуваат – вели пациентката.

За овие два лека пациентките велат дека претходно немало проблем, дека редовно ги имало за терапија.

Од Клиниката за онкологија велат недостигаат четири лека за онколошките пациенти, меѓутоа дека се надеваат дека ќе ги добијат наскоро.

– Станува збор за лекови кои не се на позитивна листа. Правиме натчовечки напори да ги обезбедиме со парите кои ги имаме колку што ги имаме. За дел од лековите веќе е покрената постапка, и очекуваме да има разрешница. Се работи за биолошки лекови. Сите тие се на таа посебна листа, којашто е различна од стандардната, и во однос на целата постапка за набавување и во однос на финасии. Лековите се за третирање на малигни болести на различни локализации во телото – вели доктор Виолета Клисарова, в.д. директорка на Клиниката за онкологија.

Лекот „капацитабоне“ се наоѓа на позитивната листа лекови.
За проблемот со лековите за карцином запознаени се и од Здружението на млади правници „Правна аптека“. Целите на ова здружение се да им се помогне на болните со сериозни дијагнози во пристапот за да дојдат до болничката терапија. За некои бараат правно решение и ги поучат пациентите што да прават, некои ги упатуваат писмено да се обраќаат до клиниката каде што се лекуваат и до Министерството за здравство, но и да пишуваат преставки до Народниот правобранител.

– Проблемот на лекови се случува во интервали. Снемува еден лек, па ќе го пуштат од залиха и за брзо време пак го снемува. Кога ни се јавуваат пациенти, најчесто е за ист лек. Веројатно проблем се набавките и тендерите – велат од „Правна аптека“.