Лaзо Узунчев, дипломиран машински инженер со претходно долгогодишно работно искуство на менаџерски позиции во приватниот сектор, е именуван за претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ од Надзорниот одбор на АД ЕСМ, по препорака на Владата.
Како што соопшти денеска владината прес-служба, во состав на новиот Управен одбор на компанијата во државна сопственост, покрај Узунчев, именувани се и Реџеп Асани за заменик-генерален директор, како и членовите Ѓорѓи Ѓорѓиевски директор за правни и општи работи, Зоран Коњановски директор на производство, Виктор Јовановски директор за комерцијални работи, Иван Стојановски директор за финансиски работи и Владимир Пејоски директор на развој и инвестиции.
-Со изборот на новите членови на Управниот одбор, приоритет е енергетска стабилност на државата преку ефикасно управување, финансиска консолидација и зајакнување на капацитетите на компанијата на сите нивоа. Понатаму, меѓу целите на новото раководство се оптимизација на трошоците, реализација на развојни проекти со цел АД ЕСМ да стане компетитивна компанија која ќе ги задоволи потребите од електрична енергија за крајните потрошувачи, притоа професионално прилагодувајќи се на условите на пазарот и строгите барања за чиста животна средина – посочуваат од Владата.