Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи информираше дека министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државата, и по димензии и по суштина. Според најавата на Османи, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ. Се очекуваат 1.000 гости во делегациите, додаде првиот човек во дипломатијата појаснувајќи дека не се знае дали ќе пристигне рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред се поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји.
-Добив писмо пред 4-5 дена од министерот за надворешни работи во кое што покажува интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје. Има одредени предизвици во делот на тоа прашање, прво заради тоа што воздушниот простор на Северна Македонија и на нашите соседи е затворен за руски авиони, иако по правило треба сите земји учеснички треба да присуствуваат на на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Но дали конкретни личности, сепак ќе зависи од одредени одлуки кои ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека сите ќе успееме да бидеме во Скопје – потенцира Османи за посетата на Лавров на Скопје.
Додаде дека Руската Федерација ќе има свои претставници на министерскиот совет и дека очекува „Руската Федерација да покаже знаци на компромис и соработка со цел да го олесни процесот на обезбедување целосно присуство на нивната делегација“.