Фото: Пиксабеј

Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), со што таа утврди дека две големи веледрогерии – АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје, склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, информираат денеска од КЗК.

– Се работи за јавна набавка што во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија, при што двете веледрогерии, спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, склучиле забранет договор – картел со што свесно и со намера да се стекат со противправна имотна корист на штета на државата, го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите – појаснуваат оттаму.

Комисијата за заштита на конкуренцијата истакнува дека „при откривање и документирање на овој картел го имала предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската Унија“.

– За учество во предметниот картел, Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД „Д-р Пановски“ во износ од 1.061.000 евра и на „Фарма трејд“ ДООЕЛ 721.000 евра – додаваат од КЗК.

Како што посочуваат, висината на наведената глоба е во корелација со штетата што е нанесена на буџетот на државата.

– Решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата е потврдено од страна на Управниот суд и Вишиот управен суд и истото е правосилно и извршно и претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок – подвлекуваат од КЗК.

Комисијата за заштита на конкуренцијата најавува дека за „откриениот картел ќе поднесе соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка“.