Министерството за надворешни работи ја изрази својата реакција преку нота во која точно ги адресираше заканите кои во однос на добрососедските односи ги направија овие политичари од соседна Бугарија. Сметам дека МНР реагираше соодветно. Вака одговори премиерот Димитар Ковачевски на денешното новинарско прашање дали планира да преземе некоја пожестока реакција по повод изјавата на Ангел Џамбаски во саботата на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева.
Според Ковачевски, станува збор за политички маргиналци и дискусијата со нив би им ја оставил на политички маргиналци од нашата држава.
-Јас претставувам влада што комуницира со влада на соседна Бугарија и гледаме дека тонот на комуникација со официјалните институции од Бугарија е на многу повисоко ниво во однос на она што беше во минатото. Меѓутоа, сепак, иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност. Токму тоа им е целта, да провоцираат и да ги поткопуваат напорите не Република Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработка и подобрување на билатералните односи – рече Ковачевски.
На одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева присуствуваа членови на бугарската Фондација „Македонија“, како и бугарскиот европратеник и копретседател на партијата ВМРО-БНД од Бугарија, Ангел Џамбаски, кои го организираа чествувањето на денот кога е убиена Бунева, што претходно беше најавено. Главен говорник на настанот беше бугарскиот европратеник кој во своето обраќање пред присутните и овој пат не се воздржа од провокативната реторика околу историјата и односите меѓу двете земји. Џамбаски во дел од својот говор ги повика владејачките елити во Македонија „да не ја продолжуваат политиката на геноцид кон Бугарите наложена од Коминтерната“.
Присутните со црвено-црн транспарент со ликот на Иван (Ванчо) Михајлов и натпис на истоимениот културен центар извикуваа „Бугари, јунаци“ и „Мизија, Тракија, Македонија“.
Ковачевски рече дека МНР побара од официјална Софија да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните во Македонија и сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји.
На прашањето дали ќе побара некакви санкции, па дури и забрана за влез во земјава за овие бугарски политичари, Ковачевски вели дека целта на секој политички маргиналец е да стане популарен преку вакви активности.
-Нема да им ја исполнам желбата да станат популарни бидејќи тие не се популарни ниту во своите држави и таму не можат да влезат во парламент – нагласи Ковачевски.
Вчера, Министерството за надворешни работи по дипломатски канали реагирало и побарало од официјална Софија да се огради од недоличните изјави на „одредени маргинални политички фигури„ од Бугарија искажани за време на чествувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева на Кејот на Вардар во Скопје. Оттаму велат дека со големо внимание ги следат изјавите на одредени маргинални политички фигури од Република Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави.