Шефовите на држави и влади на 30-те земји членки на НАТО се состануваат денеска во Брисел за да ги координираат следните одговори на војната во Украина, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Премиерот Димитар Ковачевски, но и претседателот на САД, Џо Бајден, како и сите останати лидери на Северноатлантската алијанса пристигнаа вчера во Брисел за денешниот вонреден самит на НАТО. Тие ќе разговараат за состојбата во Украина, еден месец по стартот на војната, зајакнувањето на одбраната на НАТО членките, но и улогата на Кина во оваа криза, најави вчера генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Премиерот Ковачевски истакна оти на самитот меѓу другото ќе се говори за зацврстување на источното европско крило.
-И тоа се дискутираше на битните состаноци во НАТО, па во тој дел донесовме соодветни одлуки во поглед на зацврстување на источното крило и тоа секако ќе биде дискутирано на овој вонреден самит -истакна Ковачевски пред вонредниот НАТО-самит одговарајќи на прашањето дали смета дека НАТО треба да има поголемо учество во Источна Европа.
Тој, меѓу другото, потенцираше оти земјава веќе има понудено соодветна помош на украинскиот народ, а сега е време, како што нагласи и самиот, кога народот на Украина има потреба од помош од демократскиот свет.
-Денес сите сојузници на НАТО се обединети. Ќе ја понудиме нашата поддршка на народот на Украина, ќе останеме обединети. С Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите-членки на НАТО и на ЕУ со цел да го одвратиме она што Путинова Русија го прави во Украина, а во насока да им помогнеме на Украинците ги донесовме сите потребни одлуки во земјата за да ги прифатиме сите бегалци кои би побарале засолниште во нашата држава -истакна Ковачевски пред почетокот на денешниот вонреден НАТО-самит.
Како што најави Столтенберг вчера лидерите ќе разговараат за испраќање на нови борбени групи на истокот на Алијансата, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, за да се засили присуството на земјите сојузнички во соседството на Русија, кои стравуваат од евентуален руски напад на нивна територија.
НАТО јасно стави на знаење дека секој напад врз нејзина земја членка веднаш ќе го активира членот пет на Алијансата и ќе доведе до одговорот на сите останати земји на Алијансата.
Но, НАТО и натаму нема намера да влегува во конфликтот помеѓу Русија и Украина, ниту преку затворање на небото над Украина, ниту преку испраќање на трупи. Дополнителна помош ќе му биде испратена на Киев за да се справи со руските напади.
Се очекува украинскиот претседател, Володимир Зеленски да се вклучи на состанокот преку видеоврска и да им се обрати на 30-те земји. Познато е дека Киев бара од НАТО да го обезбеди небото над Украина, но за најголемиот број земји на Алијансата ваков чекор е незамислив бидејќи тоа би значело директен судир со Русија, а со тоа и можна војна на целиот континент.
Генералниот секретар предупреди дека одлуките коишто НАТО ќе ги донесе денеска ќе имаат далекусежни последици, а од владите на земјите членки ќе се бара да ги зголемат воените трошоци.
Денеска и утре во Брисел се одржуваат и лидерски состаноци на ЕУ и на Г7 групата, каде ќе се придружи и американскиот претседател. За сите е Украина и одговорот на Западот главна тема.