Сакам да сум кристално јасен: македонскиот јазик е чист во преговарачката рамка и еднаков со другите јазици на ЕУ, без фусноти и ѕвездички, изјави премиерот Димитар Ковачевски по консултативната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Отворените прашања со соседите треба да бидат затворени. Протоколот меѓу Македонија и Бугарија не е дел од преговарачката рамка. Овoј европски предлог овозможува пристапни проговори со ЕУ. Преговорите може да ги започнеме веднаш откако ќе се прифати предлогот.
Сите сме свесни за чувствителноста на ова прашање. Потребнна е мудрост и одговорност и размислување со ладна глава. Имаме единствена можност за обезбедување просперитет на државата, а тоа им го должиме на идните генерации – порача Ковачевски.
Ковачевски притоа не одговори конкретно дали ги отфрла или прифаќа предлозите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој побара бришење на обврската за внесување на Бугарите во Уставот и се она што асоцира на Историската комисија и билатералниот протокол со Бугарија.
-Во однос на тезите кои беа поставени, тие не задираат во третманот на македонскиот јазик, ниту идентитетот. Тоа е мултилатерален документ кој е усогласен. Во однос на уставните измени, сите партии имаа свои изјави во изминатиот период, други ги менуваат. Нашиот Устав предвидува дека граѓани кои се самоопределуваат на друг начин можат да се дел од Уставот. Сметам дека сите пратеници треба да го прифатат менувањето на Уставот – рече Ковачевски.
Според него дел од коалиционите партнери веќе искажале позитивно мислење, а дел уште размислуваат.
– Сметам дека сите политички партии треба сериозно пристапуваат кон ова прашање и да ја донесат вистинска одлука. Тоа е одговороност – рече Ковачевски.
Според него, Владата се држи до државните интереси, го штити идентитетот и не е направено ништо без да се почитуваат црвените линии.
-Сите сме свесни за чуствителоста за ова прашање. Лесно е да отфрлиме, но потребно е рационално размислување . Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика. Ова е стратешко прашање – посочи Ковачевски.
Тој нагласи дека предлогот не претставува бугаризација на државата, како што тоа го претставува опозицијата.
-Македонскиот народ никој до сега не успеал да го асимилира. Горди сме на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти – така било, така е, и така ќе биде- додаде Ковачевски.