Денес е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја. На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост, рече премиерот Димитар Ковачевски на Свечената академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука
– На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори. Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници. Јазикот и културата на еден народ се негов идентитет, негов белег и претставуваат негов код“, рече Ковачевски.
Тој појасни дека на ова тло, со векови се негувале разни јазици.
– Затоа, дозволете ми да кажам дека сè додека се почитуваме, ќе се разбираме. Една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени. Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и взаемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти кои делиме исти предизвици – додаде тој.
Според него, почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.
– Денеска овде со мене се и членовите на Владата кои припаѓаат и на албанската заедница и на македонската заедница. Во текот на изминатите две години јас ја имав честа да предводам Влада во еден исклучително тежок и кризен период, време на неизвесност во однос на тоа дали ќе имаме енергија, дали ќе имаме доволно храна, дали ќе имаме доволно знаење да ја зауздаме инфлацијата како што ја зауздавме и луѓето со кои што мојот ден во најголем дел поминуваше беа нормално министерот за финансии, министерот за економија, вицепремиерот за економски прашања, министерката за труд и социјална политика. Цела среќа е дека меѓу нив имаше двајца по име Фатмир, а значењето на името Фатмир е некој кој носи добра среќа. Јас имав такви двајца. За нив двајца албанскиот јазик е мајчин јазик. Но, често пати во мојата канцеларија и во нивните канцеларии во тие долги работни денови, кога ги правевме сите тие пресметки и мерки можеше да се чуе од моја страна Фатмир брат, те молам направија оваа пресметка или кон другиот Фатмир, Фатмир брат ако може до утре ова законско решение да го спремиме. Албанскиот јазик не е мој мајчин јазик, а сепак, одлично се разбираме бидејќи тоа е мојот братски јазик – изјави Ковачевски.
Тој порача дека треба да се почитуваме, да си помагаме, да бидеме сите како едно за доброто на државата која час поскоро, како што рече, сакаме да ја видиме како дел од европското семејство на народи.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, истакна дека 115-тата годишнина од Конгресот во Битола – е клучен момент во историјата на албанскиот народ, кој ги поставил темелите за стандардизација на албанскиот јазик.
Со години наназад, како држава, наведе, во континуитет, потврдуваме дека ги препознаваме и вреднуваме различните јазични и културни идентитети и во таа смисла сме редок позитивен пример на целиот Европски континент. Тоа, потенцираше, не значи дека на тој пат сите дилеми и предизвици се расчистени или дека меѓуетничката толеранција и почитта кон поинаквите од нас е дефинитивно научена лекција.
-Меѓутоа, неспорен факт е дека македонскиот модел на мултикултурна коегзистенција ги инхибира потенцијалните тенденции за внатрешно раслојување и поделби што, според моето длабоко уверување ќе придонесе наредниве години и македонскиот и албанскиот јазик, после долго патување, да станат дел од заедничкиот европски јазичен простор во рамките на Европската унија. Во тој контекст, не смееме да ги игнорираме или потцениме предизвиците, но немаме ниту една причина да не ги потенцираме и славиме успесите кои ја имаат обликувано еволуција на македонскиот и албанскиот јазик – наведе претседателот.
Македонија, оцени тој, се соочува со вечниот предизвик на балансирање на меѓуетничките односи, со цел, промовирање на еднакви можности за сите граѓани, и тоа го правиме во нестабилно надворешно опкружување оптоварено со територијални конфликти, историски фрустрации и национализам. Меѓутоа, како што порача, единствениот пат кон инклузивна држава е преку етаблирање на систем во кој доследно, а не само формално се почитуваат воспоставените правни рамки и се креираат политики кои никого не дискриминираат.
Претседателот порача дека мултикултурализмот е драгоцено богатство и во историски и во современи контексти. Акцентот на јазичната, културната и етничката разновидност, посочи, ја нагласува важноста од поттикнување на инклузивност, разбирање и соработка во сите сфери од нашето заедничко живеење и работење.
-Државите не се распаѓаат заради јазичниот плурализам, најмалку заради зголемувањето на квантумот на јазични права на било која етничка заедница. Државите назадуваат, ако не го користат потенцијалот на секој свој граѓанин, а секој од нас во своите животни и професионални битки влегува со она што го носи во себе – своите знаења и вештини, своето искуство и својата совест. Но, во сите животни битки влегуваме пред се, со нашето име и идентитет. А тие се потпираат врз нашиот мајчин јазик – рече Пендаровски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Свечената академија по повод 115-годишнината на Битолскиот конгрес и Деновите на Албанската азбука, што се одржа во Македонската Филхармонија, зборуваше на македонски јазик.
Тој на претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски им се обрати на македонски јазик порачувајќи им дека не стојат зад нив, туку рамо до рамо со нив.
– Почитуван претседател, почитуван премиере, ние не стоиме позади вас туку рамо до рамо со вас за вашиот мајчин јазик – македонскиот – порача Али Ахмети.