По дводневната работна посета во Брисел, премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите истакна дека европските лидери биле едногласни во поддршката за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија без одлагање.
– Драго ми е што средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, ја заокружи нашата агенда. Од неа добивме јасно изразена поддршка за нашиот пат кон Европската Унија – истакна премиерот.
Ковачевски во Брисел информирал, како што вели, за напредокот со Бугарија во продлабочувањето на добрососедската соработка. Според него, јасна е и поздравена заложбата на двете земји за изнаоѓање решенија и интензивирање на дијалогот.
– Преку разговори со нашите пријатели Шарл Мишел во Европскиот совет и Роберта Мецола во Европскиот парламент потврдена е отворената поддршка за одржувањето на првата меѓувладина конференција. Тука сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ веднаш – нагласи премиерот додавајќи дека нашата иднина е европска, демократска и современа.
Како што рече, тоа е иднина што се темели на зелената агенда, на обновливите извори на енергија, на дигитализацијата.
– Ја завршивме работната посета со средбите со драгите пријатели во Европската Унија, домот на кој му припаѓаме. Се враќаме со силна поддршка, која нè мотивира да го интензивираме европеизирањето дома – порача Ковачевски.