На прашањето кој е Дарт Вејдер во македонското правосудство, премиерот не одговори директно, туку остави, како што рече, на имагинацијата, креативноста и истражувачкиот потенцијал на новинарите.
-Да се навратат петнаесетина години во нашиот правосуден систем, да видат како се менувани одредени закони, да видат како се монтирани одредени процеси и тогаш ќе може да видат кој е Дарт Вејдер на македонското правосудство. Потекнува од комунистичкото време – рече премиерот Ковачевски.
Тој претходно рече дека измените во Кривичниот законик се направени во согласност со законодавства што важат во ЕУ.
-Тоа што претходно имавме закон во кој казните беа направени од комунистичко време, односно направени од некој, како што јас го нарекувам, Дарт Вејдер на македонското судство, тоа не значи дека тие работи не треба да се променат – објасни премиерот Ковачевски.
Иако измените на Кривичниот законик се изгласани и веќе стапија во сила, премиерот Ковачевски денес рече дека е добро за такви измени да има јавна дебата.