Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за смената на директори во Македонска навигација (М-НАВ) вчера на владина седница, рече дека имало повеќе кандидати, а не само двајца, откако прво беше споменато името на поранешниот директор на АЦВ Илир Мехмеди па потоа тој предлог беше повлечен и на негово место предложен Хекуран Асани, бидејќи како што наведоа од Влада, Мехмеди не ги исполнувал условите за функцијата.
– Имаше повеќе кандидати, не беа само двајца кандидати, кои беа предложени и разгледувани од страна на Владата, беше земен предвид и Статутот на М-НАВ и врз основа на тоа двајца кандидати беа издвоени со што едниот веќе бил во М-НАВ, потоа бил во Агенција за цивилно воздухопловство, меѓутоа се испостави дека согласно со Статутот на М-НАВ мора да биде контролор на летање – рече Ковачевски.
Кандидатот којшто е избран, додаде премиерот, од стручната фела беше оценет како квалитетен, тој има веќе 25-годишно искуство во таа бранша.
– Има уште две одлуки, треба да се провери – ќе има вонредни инспекциски надзор од страна на Трудовиот инспекторат, во делот на работата на синдикатите, бидејќи таму има повеќе синдикати и ќе побараме Агенцијата за цивилно воздухопловство да го достави извештајот во однос на истражувањето што го правеа во текот на изминатиот период – рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на новата поликлиника во Сарај.
Според Ковачевски, со М-НАВ треба посериозно да се позанимава не само Владата, туку и Еуроконтрол бидејќи, потсети, тие се во системот на Еуроконтрол и нивното финансирање е оттаму.
-Таму има неколку аспекти коишто треба да се анализираат и во дел во којшто треба да се интервенира. Прво, сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено вработени. Вие кога ќе земете синдикат – татко му таму работел, таму тој работи, брат му работи таму, на крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти коишто обично се случуваат по дома кај луѓе, и сметам дека треба да се испитаат и како што вели и ЕУ, начинот на којшто ги прават конкурсите, начинот и критериуми на селекција на кандидати итн., да не се случи некој кандидат да добива готови тестови не знам, меѓутоа се тоа треба да се види, бидејќи премногу „случајности“ има во таа организација, кои имплицираат дека можеби тие случајности и не се толку случајни – оценува Ковачевски.
Во однос на тоа дека има гласини дека новиот кандидат е внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Ковачевски вели дека не знае чиј внук е и оти е 25 години контролор на летање.
На новинарско прашање која е целта да се врши надзор на Синдикатот од страна на Трудовиот инспекторат, Ковачевски вели дека тоа не претставува никаков притисок врз синдикатите.
– Апсолутно не е притисок врз синдикатите, бидејќи законска можност е да се врши вонреден надзор и надзор на работењето врз синдикатите во делот на надлежностите што ги спроведува, дали излегуваат од своите надлежности… Така што, тоа е законски пропишана одредба која не значи никаков притисок. На пример, ако имате надзор од Здравствен санитарен инспекторат во поликлиника овде, тогаш тоа не е политички притисок, тоа е извршување на активности на институции согласно со нивните законски надлежности – додаде тој.
Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ се очекува да го официјализира разрешувањето на претседателот на УО Фахрудин Хамиди и секторскиот изврешн директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по насоките што ги доби вчера од Владата, а по упадот во институцијата од 4-ти овој месец.
Одлуките на Владата го стопираа штрајкот што го најави за денеска Струковиот синдикат на контроори на летање, кој ја стави во мирување одлуката со која требаше да се затвори воздушниот простор. Основниот кривичен суд Скопје, пак, од денеска треба да одлучува за жалбата на Јавното обвинителство во однос на одлуката да не го прифати барањето за притвор за четворицата осомничени во врска со упадот во М-НАВ.