Премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање до пратениците истакна дека на европскиот пат чекориме со една многу значајна придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонскиот јазик, а со тоа и македонски идентитет. Македонскиот јазик, како што рече, е признаен и потврден, како рамноправен со сите други јазици во Европа.
– Првиот договор, ФРОНТЕКС, Советот на ЕУ веќе одлучи да се потпише и на македонски јазик, без какви било ѕвездички или фусноти. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Почетокот на преговорите со Европската Унија по 17-години чекање, со целосна заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, изградбата на едно општество за сите и мирот што го негуваме преку меѓуетничкото единство на домашен план, потврдуваат дека Владата е успешен и достоинствен претставник на народот, неговиот заштитник, чувар и водач напред – порача Ковачевски.
Тој во своето обраќање, каде го елаборираше предлогот Ристо Пенов да биде министер за локална самоуправа, истакна дека врвен приоритет на Владата е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Како што посочи, Владата го негува концептот на почитувани македонски граѓани во Европа, кои седат со кренати глави на големата маса во Брисел, чиј глас, на чист македонски јазик, се слуша и се уважува при заедничките, европски одлуки.
– Другиот концепт, кон којшто за првпат отворено покажа и Брисел во овогодинешниот Извештај за напредокот на земјава, е концептот на блокади, за коишто е сведок целата јавност, а посебно вие овде во Парламентот. Тоа е концепт за изолирани граѓани, седнати на мала маса, дома, чиј глас никој не го слуша, ниту пак може од таа позиција нешто да смени – концепт на виртуелна и непостоечка, наводна гордост. Го почувствувавме сите и долги 11 години на режимот, не така одамна, неговиот мрак – рече Ковачевски.