Лидерска средба, но без уцени и со проширен дневен ред е прифатлива за премиерот Димитар Ковачевски, додека лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски останува на ставот дека единствено решение за сите проблеми се предвремени избори и оти без ова прашање не може да се разговара.
Премиерот Ковачевски смета дека треба да има средба за теми кои, како што рече, се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.
-Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори – изјави вчера Ковачевски.
Според него, со блокирање не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, туку се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата.
Тој ги повика сите пратеници да бидат на ниво на својата задача бидејќи, како што рече, тие не се избрани од претседател на политичка партија, туку се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните.
– Парламентот да функционира, имаме 64 пратеници поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните – порача премиерот.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера порача дека е подготвен да зборува за сите отворени прашања како и за определување датум за одржување предвремени парламентарни избори, но без тоа прашање не може да се разговара.
-Подготвен сум да зборуваме за сѐ што е актуелно и им е потребно на граѓаните, а предвремени парламентарни избори се неопходни час поскоро да се случат за да може Македонија да излезе од оваа кризна ситуација во која се наоѓа. Подготвен сум за четири дена од денеска да зборуваме за сите отворени прашања како и за определување датум за одржување предвремени парламентарни избори. А без ова прашање не може да се разговара. Тие се проблемот, а решението е предвремени парламентарни избори – изјави Мицкоски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, смета дека нема ништо лошо во средби, но под услов тие да не бидат условувани и со наметнување на теми, туку за одредени и важни прашања, како тоа за затворање на прашањето со Бугарија.
– Сигурно ни е потребен политички и етнички консензус во државата. Решавањето на овој проблем ги зацврстува стабилноста, мирот, безбедноста и релаксирањето на односите меѓу соседите. За ова ситуација може да има дебата и средба. Но, не и за блокади. Затоа што блокадите и бојкотот значат пречка во напредокот на понатамошните процеси на државата – изјави вчера лидерот на ДУИ.
Во меѓувреме во Собранието блокирани остануваат повеќе законски решенија како што се Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата…, а до крајот на мај во Собранието треба да се најде и најавениот ребаланс на Буџетот.