Денес е голем историски ден, затоа што после векови Охридската архиепископија сослужува заедно со Вселенската патријаршија. Беше исправена една голема историска неправда, нагласи премиерот Димитар Ковачевски по денешната Патријаршиска и синодална литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј“ во Истанбул.
– Ќе се послужам со зборовите на нашиот архиепископ г.г. Стефан кој на крајот на литургијата кажа дека Охридската древна архипескопија секогаш била рамо до рамо со Вселенската патријаршија, како татко и син, како мајка и ќерка, како брат и брат, сослужител со служител. Затоа денес целиот наш народ, сите наши православни верници со големо воодушевување ја примија веста за ова заедничко сослужување за коешто јас искрено верувам дека после примањето во сослужување и канонско единство на нашата црква ќе биде крунисано и со издавање на томос од страна на Вселенската патријаршија – рече Ковачевски.
Тој упати порака до сите православни верници во целиот свет, до сите свештеници од православниот свет да ја посетат Македонија, како и да го посетат древниот Охрид кој, како што кажа, претставува катедра на православието.
Вселенскиот патријархот г.г. Вартоломеј посочи дека добил покана од премиерот Ковачевски да ја посети нашата земја и изрази надеж дека во еден момент ќе ја има радоста да оствари една таква посета, возвраќајќи му на неговата денешна посета во центарот на православието.
– Бидете уверени сите во Северна Македонија дека нема да ги демантираме вашата доверба и очекувања. Долг на мајката црква е да биде до нив и да им помага на нејзините ќерки, а особено вашата црква која околу шест децении се измачуваше одделена од останатите православни – рече вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.
Во текот на овие 30 години откако е патријарх, додаде, примил претседатели и премиери од нашата земја, кои сите имале, како што вели, благородна добрина да го поканат за да оствари посетата.
– И секогаш кажувам дека нема да ја остварам таа посета се додека не се оствари заедницата меѓу вас и нас. И ете Бог благослови да ја имаме таа заедница и денес да се причестиме од истиот путир и се надеваме ќе ја имаме таа прилика за посета. На овој голем историски ден го испраќам благословот кон благочестивиот народ на Северна Македонија, посакувам вашата земја да стане член на Европската Унија, посакувам да биде со помин на сопругата на премиерот која има здравсвтени проблеми, од страна на Вселенската патријаршија ве прегрнувам сите вас со родителска грижа и љубов – порача г.г. Вартоломеј.