Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денес изврши увид во бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола. Весна Бендевска, член на Комисијата рече дека увидот е по претставка на Здружение на граѓани кое го пријавило Клубот за дискриминација.
-Согласно член 29 од Закон за спречување и заштита од дискриминација, работиме на претставка поднесена од Здружение на граѓани со оправдан интерес. Согласно наводите во претставкатам, должни сме да ја сослушаме и другата страна. Членот 29 ни овозможува најавени и ненајавени увиди. Овој пат дојдовме на најавен увид од пред една недела во просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува во поднесената претставка – изјави Весна Бендевска, член на комисијата.
Бендевска не давс подетални информации за што се однесува дискриминацијата, се додека трае постапката.
-Во овој момент, Комисијата не дава и не прејудицира наводи за кои ќе се изјасниме штом претставката заврши. Има уште неколку институции што ќе мора да ги посетиме, да пријавиме документи , потоа мислењето ќе го објавиме пред јавноста и ќе биде јавно достапно на нашата веб-страница – рече Бендевска.
При увидов беше присутен и бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов.