Фото: Игор Бансколиев

Вработените граѓани во државава ги задоволија високите стандарди и критериуми за работа во компаниите на работодавците од Германија

По многубројните и претходно, повеќе или помалку, потенцирани забелешки дека работниците во земјава се непродуктивни, неефикасни, немотивирани, сега стигнуваат резултати од истражување спроведено во компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение, каде што нашите вработени добиваат највисока оценка за продуктивноста… Каков е тој феномен каде што вработените во македонските фирми работат неефикасно, непродуктивно, неодговорно и немотивирано, а оние што се вработени кај работодавците и инвеститорите од Германија во земјава се суштинска спротивност од своите колеги, за односот и исполнувањето на своите работни задачи?

Продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот ангажиран во овдешните компании со германскиот капитал ја добија највисоката оценка во пред неколку ден презентираното истражување на деловната клима во Македонија, кое во текот на оваа и минатата година било спроведено во компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение. По многубројните и претходно, повеќе или помалку, потенцирани забелешки во однос на условите за водење бизнис во Македонија наведени во истражувањето и генералниот став дека работниците во земјава се немотивирани и непродуктивни, оваа оценка наведува на заклучок оти станува збор за некаков феномен, но упатените и за тоа имаат објаснување.
– Нашите работници секогаш биле добри работници. Но нивната продуктивност зависи од тоа како се организирани, кој ги води и како ги води и, конечно, како ги плаќа. Ако имаат добри услови за работа, тие се продуктивни, независно каде работат. Проблемот е што кај нас, во принцип, нештата се изместени. Државата и компаниите ги водат, главно, некомпетентни кадри, а условите за работа најчесто се многу лоши. Во времето кога јас бев главен инспектор за труд, бевме 60 луѓе на ниво на државата и сѐ функционираше како што треба. Сега има 260 инспектори и се жалат оти не можеле да постигнат со работа – објасни Димко Миленков, пензиониран професор по трудово право и некогашен главен инспектор за труд.

Поопширно тоа го елаборира професорот од Институтот за деловно право и економски науки Ванчо Узунов.
– Не сум точно информиран врз основа на кои пресметки е дадена таквата оценка, но треба да се знае дека кога се зборува за релативно ниската продуктивност на работниците во Македонија, во случајот со германските компании, мора да се имаат предвид три фактори. Првиот се квалификациите на работниците со специфичните средношколски струки, кои Германците веројатно, со разни дообуки, многу добро ги искористија и врз основа на тоа и на ниската цена на трудот во земјава пресметаа повисока продуктивност, бидејќи еден од главните фактори врз основа на кој таа се пресметува е токму цената. Второ што треба да се има на ум е дека продуктивноста на работниците во голема мера зависи и од технологијата со која работат. Германските фирми секогаш располагаат со најсовремена опрема, за разлика од повеќето овдешни компании, кои веќе во самиот старт се опремуваат со половни машини. И трето се процедурите и менаџментот, со кои, исто така, Германците секогаш се во предност – наведува Узунов.

Наспроти околу 200 компании со германски капитал што во моментов работат во Македонија, вработувајќи околу 20.000 лица, се многубројните други со домашен, странски или мешан капитал, кои во повеќе пригоди се пожалија на продуктивноста на работниците. А на продуктивноста на вработените почнаа да се жалат и властите откога државните и јавните служби ја почнаа серијата штрајкови и протести барајќи повисоки плати. По делумното исполнување на нивните барања, Владата најави нова методологија за пресметување на платите, во која, како што беше кажано, клучен фактор ќе биде продуктивноста, но како таа ќе се пресметува во нестопанска дејност, каква што е административната, немаше објаснувања.
– Треба да се договори сеопфатна методологија со која ќе се приспособат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно, кога ќе се постави методологијата, ќе се наменат и средства – порача министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во меѓувреме, токму администрацијата, според извештајот на германските, но и на сите други бизнисмени во земјава, претставува една од црните точки во деловната клима.
– Имаме одлични односи и со Владата и ни излегува во пресрет на сите барања, но сепак е потребно да има поефикасна администрација и подобро справување со корупцијата. Неопходно е и целосно усогласување на царинските стапки со европските за привлекување повеќе инвеститори – рече, меѓу другото, заменик-амбасадорот на Германија во Македонија, Ото Граф, на посочената презентација.
Поради тоа, но и поради правната несигурност, политичката нестабилност, лошата инфраструктура и недоволната транспарентност при јавните набавки, 30 отсто од анкетираните компании одговориле дека не би инвестирале повторно во Македонија.