Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска во Тетово ќе одржи состанок на членовите на Централниот совет на кој ќе се избираат нови партиски функционери.
Централниот совет како партиски орган треба да избере нови потпретседатели и генерален секретар, кои ќе имаат мандат до следниот партиски конгрес.
Според партиски извори за потпреседатели се предложени Арбр Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли, актуелна пратеничка. За генерален секретар е преложен Фатон Ахмети, а Саранда Имери за првпат ќе се приклучи на потесното претседателство како секретар за родова еднаквост.
Партискиот портпарол Бујар Османи по завршување на средбата вчера рече дека консултациите на членовите на претседателството со партиските ограноци била конструктивна. На средбата во текот на денот пристигнале и претставници на т.н. „Огнена група“, која бараше реформи во партијата.
Одлуката за одржување на Генералниот совет на ДУИ, за избор на новото партиско раководство, беше договорено на средбата одржана на 4 октомври на лидерот на партијата, Али Ахмети со претставници на т.н. „Огнена група“, откако група истакнати членови на ДУИ на 24 септември во отворено писмо обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, според нив, станало индивидуално.