Клиниката за хематологија сега се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите, изјави денеска новиот министер за здравство во техничката Влада, Илир Демири.
Тој се обрати на Свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија.
– Изминативе неколку години, оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници. Покрај реновирањето на установата, тука за првпат почнаа да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител. Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања – посочи Демири.
Пред само неколку недели, како што додаде тој, беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство.
– Упатувам благодарност до директорите на оваа установа, Ирина Пановска Ставридис и Флутим Кадриу, до членовите на Владата, до Фондот за здравствено осигурување, но и до Амбасадата на Соединетите Американски Држави за обезбедувањето финансиски средства за реализација на оваа важна инвестиција – подвлече Демири.
Тој пред присутните рече оти ги охрабрува да продолжат со стручна и професионална работа, а во Министерството за здравство, како што истакна, имаат искрен партнер за зајакнување на здравствениот сектор.
– Заеднички можеме да направиме позитивни резултати – нагласи тој.