Фото: Архива/Илустрација

Советот на јавните обвинители ја почна седницата на која треба да ги разгледа пријавите и да даде мислења за петте кандидати за нов државен јавен обвинител.

Советот прва ја разгледа кандидатурата на поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, при тоа едногласно одлучи дека тој не го исполнува условот за непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавeн обвинител или судиja од областа на кривичното право.

Во моментов членовите на Советот ги разгледуваат останатите четири кандидатури од в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски и обвинителката од Sкопското oбвинителство, Лидија Раичевиќ.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите кои беа пристигнати во Собранието, беа препратени до Владата, која потоа бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена до Владата по што таа до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.