ПРЕД СТАРТОТ НА ПРОЕКТОТ „НИЕ СМЕ ЕВРОПА“
Според дел од аналитичарите, целосно е погрешен и фокусот на оваа про-ЕУ кампања, која многу повеќе наликува на класична политичка пропаганда со граѓански пари
Од идната недела, па сѐ до крајот на септември, Владата и Секретаријатот за европски прашања ќе ја спроведуваат кампањата „Ние сме Европа“, која, како што велат од власта, има цел да ги информира граѓаните за придобивките и можностите од зачленувањето на земјава во Европската Унија. Кампањата доаѓа во време кога во македонското собрание нема мнозинство гласови за усвојување на уставните измени, додека истовремено огромно мнозинство Македонци, или над 80 проценти, според сите анкети и истражувања на јавното мислење, се против промена на Уставот и внесување на Бугарите во него. Во едни вакви околности со народни пари, поточно со 80 илјади евра, власта тргнува во некаква убедувачка мисија пред народот, откако претходно беше пропуштена шансата за организирање широки јавни дебати, стручни експертски расправи, дебата во Комисијата за уставни прашања и секако во парламентот, како највисок народен и претставнички дом токму по прашањето на (не)оправданоста од уставните измени. Во таа насока, претстојната кампања на власта насловена „Ние сме Европа“, во никој не случај не може да биде замена или супституција на немањето вистинска широка јавна расправа досега, и тоа на повеќе нивоа.
– Владата ќе организира серија настани во осум града во државата. Кампањата ќе се вика „Ние сме Европа“. Ќе се реализира во Скопје, Струмица, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните. Првиот во серијата настани ќе се одржи во Скопје на 30 август и ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски. Во сите осум града ќе се одржуваат и трибини – истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ при презентацијата на кампањата.
Тој вели дека пред граѓаните ќе се говори за неопходните реформи, кои треба да ги направиме за да ги постигнеме европските стандарди во наредните неколку години, и за начините како членството ќе го заштити и зајакне нашиот идентитет, јазикот, посебноста и мултиетничкиот карактер на државата. Нејасно е како Маричиќ ќе ја заштити државата, кога прво не знае дека нашето општество има мултиетнички карактер, а државата има унитарен карактер. Притоа Маричиќ и другите владини функционери што ќе говорат на тие сосема извесно чисто партиски трибини, не кажуваат какви последици ќе има врз државата и врз македонскиот народ внесувањето на Бугарите во Уставот и како ќе влеземе во ЕУ, ако некогаш влеземе, дали како Македонци или како нешто сосема друго.
Според политичките аналитичари, целосно е погрешен и фокусот на оваа владина кампања, која многу повеќе наликува на класична политичка пропаганда со народни пари.
– Смешно и лудо е народот да се убедува за придобивките од членството во ЕУ. Тоа на сите им е јасно, впрочем и големо мнозинство македонски граѓани се за влез во ЕУ. Многу покоректно би било да се зборува за последиците врз Македонија и македонскиот народ од внесувањето на Бугарите во Уставот. Какви долгорочни последици ќе има тоа врз идентитетот на нацијата. Така, наместо „Ние сме Европа“, кампањата во алтернација би можело да се наслови „Ние сме за Бугарите во Уставот, и поделба на носителот на државноста, наместо Македонците како државотворен народ на Македонија, сега тоа се дисеминира на повеќе носители“… – тврдат професори по уставно право, додавајќи дека тоа би било фер за да се видат реалната слика и вистинската реакција кај народот. Вака само се замаглува вистинската последица за нацијата и државата, што е срамно и понижувачки.
Тие посочуваат и на низа слични претходни кампањи пред промената на името и Договорот од Преспа, од кои на крајот не добивме ништо. И тогаш се ветуваа бесплатно образование, бесплатно здравство, високи плати и пензии итн. Денес состојбата е сосема спротивна, па дури и многу полоша од претходно. Дали и за овие теми ќе се говори во кампањата „Ние сме Европа“ и на трибините со граѓаните?
И за дел од политичарите воопшто не е европска вредност да се прифати на слепо секакво национално предавство и да се обезличи народот, туку европска вредност е квалитетно образование, здравство, силна економија, што во Македонија ги нема итн.
За политичките аналитичари, претстојната кампања е само политички предизборен маркетинг и покритие за неуспехот што некој го ветил однапред да го испорача на одредени центри на меѓународната заедница.