Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, кој е ставен на дневен ред на собраниска седница, има за цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина во затворите како и генерална и општата безбедност во државата коja ќе се постигне со формирање на Единицита за затворско разузнавање и Единицита за интервенции.
Како што информираат од Министерството за правда, воспоставувањето на системот за видео надзор и користење боди камери во установите ќе доведе до намалување на корупцијата во казнено-поправните установи.
Со промената на дел на кривичното законодавство во земјава, како што велат од МП, се јави потребата и од менување на Законот за извршување на санкциите.
– Како причина за носењето на овој закон е и менувањето на затвореничката структура во Република Северна Македонија, појавата на се поголем број на радикализирани осудени лица, како и потреба од допрецизирање на начинот на кој што осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење со што ја бираа казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната – се наведува во соопштението.
Од Министерството за правда посочуваат дека со законот се подобруваат условите и правата од работен однос на вработените во Управата и вработените во КПУ и ВПУ.