„Како чука саатот да го слушнам, да го слушнам, а да воздивнам, во чаршија стара да прошетам, во меана да се напијам. Прилепе, граде најмил си, ти ги чуваш мојте спомени“. Ова се дел од стиховите на неофицијалната химна за Прилеп, испеана пред точно 30 години, од пејачот Гога Зафироски, кој кога би бил жив денес би имал 100 години. Во песната се спомнува познатиот прилепски саат, односно Саат-кулата изградена пред точно 200 години
Двесте години прилепска Саат-кула: еден човек, една песна, еден саат и еден град (2)
И тука некаде го одмотуваме клопчето за почетокот на втората приказна поврзана со Прилеп, со Гога Зафироски, со животот што неминовно одминува, а саатот беспоштедно го одбројува, но најмногу со песната што веќе триесет години му пркоси на времето и го надминува заборавот.
„Запела Љуба од градина“, „Ој ти Пацо дреновчанке“, „Се зададе темен облак“, „Песна за Цветан Димов“, „Ја пратиле Панда“, но и дуетот „Билјана платно белеше“ со Есма Реџепова се дел од околу сто и педесетте песни отепани од Гога Зафироски, роден на 7 април 1925 година во Прилеп и врзан за својот град сѐ до неговата смрт во 2004 година. Тој е основач и прв спикер на Радио Прилеп, подоцна и негов директор, креатор на културниот, медиумскиот и музичкиот живот во Прилеп, личност со неизбришлива трага зад себе и по повеќе од две децении од неговата смрт.
Најголемата неостварена желба на Гога Зафироски
Синот на Гога Зафироски, Сашо Зафироски, инаку интелектуалец и поранешен директор на печатницата „11 Октомври“ во Прилеп, еднаш сосема случајно дочул за најголемата неостварена желба на неговиот татко.
– Татко ми Гога Зафироски на еден новинар што беше дојден кај нас дома му одговори дека негова најголема неостварена музичка желба е да испее песна посветена на Прилеп. Рече дека бил на толку многу места, толку многу песни отпеал, но никогаш не испеал песна за Прилеп. Наведе дека ги замолил и Конески и Шопов и Платнар да напишат текст за песна посветена на Прилеп. Сите му ветиле, но желбата не му ја исполниле – ни раскажува синот на Гога, Сашо Зафироски.
Тој вели дека иако долго време живеел со татко му, во тој миг првпат слушнал за оваа негова неостварена желба и почнал да размислува.
– И јас како млад пишував поезија. Во младоста сите пишуваме поезија, но подоцна продолжуваат само најдаровитите. Сепак, желбата на татко ми го активира и мојот некогашен младешки порив за повторно нешто да напишам. И така почнав да ја градам „Песна за Прилеп“ – раскажува Сашо Зафироски.
Во тој период, тогаш младиот археолог и талентиран музичар Душко Темелкоски, доаѓал во домот на Сашо Зафироски и неговата ќерка Билјана ја поучувал да свири клавир.
– По еден одржан час на ќерката на Сашо, кој беше љубител на пишаниот збор, ми прочита негови стихови посветени на градот Прилеп и ме замоли да се обидам да направам музика за нив. Негова голема желба беше токму неговиот татко со песна да го овековечи нашиот град. Мотивиран од големината на чичко Гога, веќе за следниот час имав мелодија што им се допадна и на Сашо и на неговиот татко. Тоа е мелодија што навраќа на минатото во нашиот препознатлив седумосмински ритам, уникатен во светот. За брзо време песната беше снимена во едно скопско студио со одбрана група искусни врвни инструменталисти предводени од виртуозот на виолина Зоран Џорлев – раскажува музичарот Душко Темелкоски.
Музичарот Темелкоски и денес, покрај професионалното занимавање со археологијата како вработен во прилепскиот музеј, постојано се занимава со музика како вокал, инструменталист и текстописец, но се гордее што и по триесет години „Песната за Прилеп“ претставува музичко достоинство за градот, па ни раскажа една анегдота поврзана со песната.
Секојдневно емитување на „Песната за Прилеп“
Во 2018 година откако се извршија некои поправки на градскиот саат во старата прилепска чаршија, преку озвучувањето на Саат-кулата започна секојдневно, точно напладне, емитување на „Песната за Прилеп“. Едно пладне со колеги од музејот во кој работам седевме во ресторан во старата чаршија и уживавме во вкусна чорба. Точно напладне, над дуќанчињата и малите улички во старата чаршија се разлеаја стиховите на песната од Саат-кулата. Колешката, која е повозрасна некоја година од мене, како на музичар, ми се обраќа: „Слушај ја песнава, како е убава. Тоа е стара песна од Гога Зафиро, испеана за Прилеп. Не си бил ни роден кога ја има отпеано“, низ смеа раскажува Темелкоски, задоволен што песната е обнародена, се слуша, одекнува од Саат-кулата, живее долго, а често е на репертоарот на пејачки групи и различни состави.
Оваа песна, која многумина мислат дека е народна песна, групата „Милениум“ од Битола ја препеа во 2020 година, создавајќи еден музички поздрав до граѓаните на Прилеп, токму во екот на пандемијата на ковид-19. Таа исто така е редовна песна на репертоарот на „Октет Прилеп“. А Темелкоски ни раскажа уште една случка поврзана со „Песна за Прилеп“
– „Песната за Прилеп“ е мошне добро прифатена, особено од прилепското друштво на пензионери. Една сабота, нешто околу пладне, на градскиот плоштад „Ченто“ се одржуваше некаква манифестација. Случајно се затекнав токму во моментот кога пензионерскиот хор, како последна од нивниот настап, ја изведуваше оваа песна. По симнување од бината, го пофалувам мојот познаник Соте, член на хорот, за добриот настап, а особено за изведбата на „Песната за Прилеп“, за која му велам дека многу ми се допадна. На тоа Соте гордо одговори, тоа е нашата песна, на пензионерите. Секогаш си ја пееме на нашите прослави. Не ја знаеш? Како не ја знаеш? Гога Зафиро ја има испеано. Стара е тоа песна за Прилеп, преубава… – раскажува Темелкоски.
Филип Димкоски
продолжува