Зимските услови може доста брзо да ги уништат бришачите на шофершајбната, особено ако не ги користите правилно. Малку подготовка, труд и трпение може драстично да им го продолжат животниот век

ОД ПРОЕКТОТ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ: СОВЕТИ ЗА ВОЗАЧИТЕ ЗА СТУДЕНИТЕ ДЕНОВИ

Иако моменталните временски услови не содејствуваат на календарскиот зимски период во кој се наоѓаме, тоа не значи дека на зимата ѝ дошол крајот, напротив, допрва доаѓа март, кој знае да изненади со снег и појава на мраз. Токму снегот и мразот се двата најголеми „убијци“ на квалитетот на бришачите, па затоа „Нова Македонија“ истражи како возачите можат да ги заштитат од уништување за брз временски период во такви временски услови.

Бришачите се битен услов за безбедно возење

Неквалитетните и оштетени бришачи може повеќекратно негативно да влијаат на безбедното возење. Ризикот не е само по возачите, затоа што ја намалува видливоста и прегледноста, туку и по другите учесници во сообраќајот, како и пешаците и велосипедистите.
Возењето со неквалитетни бришачи, кои недоволно го чистат ветробранското стакло, дополнително го зголемува заморот кај возачите, бидејќи тие треба да се напрегнуваат за да можат убаво да гледаат.
Зимските услови може доста брзо да ги уништат бришачите на шофершајбната, особено ако не ги користите правилно. Малку подготовка, труд и трпение може драстично да им го продолжат животниот век.
Во сообраќајната практика постојат утврдени правила на користење на бришачите, кои не само што ќе го продолжат нивниот век на траење туку и ќе придонесат за нивно користење што нема да влијае на прегледноста на возачот.
Најпрво секој возач треба да знае дека бришачите се од голема помош за чистината на ветробранското стакло, но тие нема да ја вршат улогата доколку ветробранското стакло не е чисто. Она што советуваат експертите е прво да се исчисти шофершајбната, а потоа да се активираат бришачите.
– Ако на шофершајбната се собрал мраз или нечистотија, прво исчистете сè рачно, а потоа вклучете ги бришачите. Ако ги вклучите пред чистењето, очекувајќи од нив да ја завршат целата работа, бришачите може многу лесно и брзо да се оштетат, па и да се искршат – велат експертите.

Греењето помага многу

Експертите исто така советуваат прво да се вклучи возилото и вентилацијата да се насочи кон шофершајбната, за греењето да почне да ја врши својата работа.
– Секако, со ладен мотор ќе дува ладен воздух, што нема да биде од голема помош, но, сепак, колку подолго работи моторот, толку побрзо ќе почне потоплиот воздух да стигнува до стаклото кога ќе почнете да возите. Навистина, неподвижен мотор „се загрева“ исклучително бавно, па овој чекор може да биде од мала помош, но сепак ќе има големо влијание за одмрзнувањето – велат познавачите.
Во последно време многумина од возачите користат одмрзнувач на прозорци во форма на течност. Во услови кога бришачите се замрзнати и не можат да се одлепат, возачите користат течност со чија помош ги одлепуваат и одмрзнуваат бришачите. Многумина прават грешка, ги вклучуваат, а со тоа тие се кршат, бидејќи механизмот ги движи иако тие се залепени од мразот. Затоа експертите советуваат прво да се стави течност, па да се одлепат од стаклото.
– Откако ќе ги подигнете бришачите, можете да продолжите да ја чистите шофершајбната по желба, со истиот алат, стругање… Има најразлични алати, најчесто во форма на спрејови, со цена од стотина денари, па нагоре – велат познавачите.

Има и домашно изработени средства како помагало

Некои од професионалните возачи велат дека екстремните зимски услови ги принудиле и самите да истражат и да научат да прават сопствено средство за одмрзнување.
– Јас лично бидејќи сум речиси цело време на пат, самиот си правам одмрзнувач. Обичниот медицински алкохол го топи мразот. Најдостапна опција за секого е алкохолот што го користиме за дезинфекција. Во аптека најчесто го купуваме во концентрација од 70 или 75 проценти. Може да се најде и во концентрација од 96 проценти. Патем, алкохолот е важна состојка во течноста за миење на шофершајбната, меѓу другото токму поради тоа што е отпорен на ниски температури – вели Борјан Здравковски, професионален возач.
Сепак, не постои прецизно дефинирана „формула“ што треба да ја користиме, односно смеса што е најефикасна, бидејќи зависи од концентрацијата на алкохолот што го користиме, температурата на мешавината на водата и самиот алкохол, надворешната температура итн.
Она што се советуваат возачите е да измешаат 70 проценти алкохол со вода за да заштедат пари. Пробајте мешавина 2:1 од 70 проценти алкохол и вода од чешма – таа треба да биде доволно ефикасна за погуст мраз на пониски температури, иако во некои случаи можеби ќе треба да прскате малку повеќе.
Некои советуваат и да додадете малку детергент за миење садови, но не успеавме со сигурност да утврдиме дали тоа навистина помага.
Можете да користите и зимска течност за миење на шофершајбната – во случај да немате распрскувач, можете да земете какво било шише, да го пробиете капачето и да испрскате низ тој отвор. Во краен случај, можете да истурите и директно од шишето. Брзината и ефикасноста на одмрзнувањето со течност за миење зависи од видот на течноста, температурата, дебелината на мразот…

Парче материјал

Уште еден ефикасен начин за да спречите замрзнување е да ставите парче ткаенина, картон, весник, каталози или каков било материјал под нив, за да спречите бришачите да се залепат на шофершајбната. Навистина, ова решение може да има и свои недостатоци во зависност од временските услови и материјалите што ги користите, но сепак е подобро од директно лепење на бришачите и стаклото.
Можете да ставите картон или ќебе преку целото ветробранско стакло и да го потпрете со бришачи (кое истовремено ги одвојува бришачите од шофершајбната и го спречува заслепувањето).
Од нашето истражување, добивме информација дека и спрејот за одмрзнување на прозорците доколку се прска превентивно навечер под и околу бришачите, може да помогне и да спречи замрзнување.