Потпретседателот на ДУИ и предводник на „огнените“ Изет Меџити е изненаден од пораките на лидерот Али Ахмети од синоќешниот митинг на ДУИ во Чаир.
-Тој не даде такви изјави ниту на Мендух Тачи кога се обиде да му изврши атентат, ниту на оние кои на прес-конференција го прогласија за тешко болен. Тој не им го правеше тоа ни на противниците, не ми е јасно зошто им го прави тоа на синовите. Каде одите со овој ураган? На сопствените синови? На оние кои му служеа 20 години – праша Меџити во гостувањетo на телевизијата Клан.
Тој појасни дека групата незадоволни е своевидна фракција во ДУИ и дека саркастичните изјави на Ахмети, кои ги нарече закани, не и служат на партијата и на самиот Ахмети.
Одговарајќи на пораките на Груби од митингот во Чаир, Меџити потсети дека тој лани ја спасил Владата да не падне.
-Да паднеше Владата, Груби ќе немаше можност ни да зборува, бидејќи ќе беше во опозиција- рече Меџити.
За подадената рака за помирување од Груби, потпретседателот на ДУИ вели дека е „исцеден корен“. Според Меџити и самиот Груби не верува во тоа што го кажува.
-Заборава дека јас бев ДУИ кога тој беше против ДУИ и кога не беше ДУИ и кога беше во невладината „Разбуди се“, му помогнав… Од една страна подава рака, а од друга го разрешува заменик министерот Башким Хасани. Сменети се државни секретари, директори… Го врати чувството на диференцијација – рече Меџити.
Тој повтори дека собирот во Чаир бил централен собир на „артанистите“. Според него, на овој собир имало донесени луѓе од цела Македонија и дека тоа можело да се види од регистарските таблички на автомобилите.
-Од сите градови од Струга до Липково, вршеа притисоци, уценуваа, се закануваа – рече Меџити.