Приватна посета на бугарската потпретседателка е на Денот на ослободувањето на Битола од фашистичкиот окупатор
Бугарската потпретседателка Илиана Јотова попладнево пристигна во Битола, за како што рече, утре, на верскиот празник Задушница, да оддаде почит на загинатите бугарски војници. Таа на новинарско прашање, веднаш по пристигнувањето, дали нејзината посета е провокација, бидејќи се поклопува со денешниот Ден на ослободувањето на Битола од фашистичкиот окупатор, не одговори директно, но подоцна рече дека „се исклучува од тоа натаму да минува по пат на провокации“.
– Мојата посета е поврзана со Задушница. Од 1924 година во Бугарија тоа е ден во кој во Бугарија се сеќаваме на сите бугарски војници кои загинале, се молиме за нивните души и повикуваме никогаш повеќе да нема војни. Затоа заедно со бугарската делегација јас утре ќе отидам на првото признато од двете држави гробишта во село Цапари – изјави Јотова од Битола, која беше придружувана од полициско обезбедување.
Таа го коментираше и новиот закон со кој бугарските културни центри во Македонија во рок од три месеци мора да ги променат своите имиња.
– Одговорноста на тие кои ги донеле, се нивна одговорност. Тоа кое нас не интересира, ќе се провери низ времето како ќе се примени тој закон, како биде развиван, ние започнавме заедно еден процес, приклучувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ, таму за каде јас секогаш сум тврдела дека е местото за вашата држава. Сметам дека многу од нашите проблеми, ако се уште има такви ќе бидат решени кога еден ден сите заедно ќе бидеме дел од големото европско семејство – додаде Јотова.