Во писмото се вели дека е од терористичка организација
Јавниот обвинител Љубомир Јовески ја известува јавноста дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17 јануари 2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот.
-Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување. Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата – стои во информацијата од јавниот обвинител.
Тој истакнува дека се залудни ваквите закани и нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.
– Пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое ја експедирало пратката. Јавниот обвинител ја става на увид на јавноста содржината на писмената пратка која ја доби на 26 јануари годинава – се вели во информацијата.