Јасно се гледа стратешката разлика која се создаде по американските претседателски избори, односно фактот дека има некои кои сакаат војна, а некои мир, оцени денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Будимпешта.
Во одговор на новинарско прашање поврзано со прекинот на воената поддршка за Украина од страна на САД, Орбан рече дека в четврток ќе се одржи Самитот во Брисел, каде ќе разговара со претседателот на Франција Емануел Макрон, бидејќи како што рече, јасно се гледа стратешката разлика во Европската унија по изборите во САД.
– Во Париз јас ќе поразговарам со претседателот на Франција, потоа в четврток ќе се одржи Самитот во Брисел. Тоа што досега можеше да се покрие и да се поправи со комуникација, насмевки и прес-конференции, веќе тие алатки не можат да се користат. Јасно се гледа една стратешка разлика која се создаде по американските претседателски избори, односно фактот дека има некои кои сакаат војна, а некои мир. Додека само Ватикан и Словачка, покрај Унгарија кажаа дека сакаат мир – рече Орбан.
На Самитот во Брисел, додаде, Унијата ќе треба да се справи со овој предизвик, посочувајќи дека се работи за непремостлива разлика.
-Оваа разлика не ќе можеше да се нарече значајна, доколку САД не се префрли на нашата страна, но јас не би сакал да се фалам со нашата положба, но секако ние се наоѓаме на иста страна. Од тогаш, не може да се премости таа разлика. Ние треба да се справиме со овој предизвик во среда и четврток. На овој Самит на премиерите во четврток е одредена и друга точка на дневниот ред, независно од трансатлантскиот расцеп и воената ситуација во Украина, треба да разговараме и за тоа каква стратегија сака да примени Европа во економска смисла, во трговска смисла, во областа на одбраната итн. Таму ќе се обидеме да најдеме начин за соработка – рече Орбан.
Во врска со телефонскиот разговор што го имал со претседателот на САД, Трамп во неделата вечерта, Орбан нагласи дека имаат блиски односи со Вашингтон на сите нивоа. Нагласи дека сега е уште поголема причината за продлабочување на соработката, бидејќи имаат заеднички вредности.
-Имаме поголема причина, подлабока причина за соработка бидејќи имаме заеднички вредности. Ние се наоѓаме во цивилизациска борба и во оваа борба војуваме заедно со САД има некои други партнери – рече Орбан и одговори дека со Трамп разговарале за повеќе теми.
Во врска со денешниот инцидент во Парламентот на Србија, ппозициските пратеници запалија црни димни бомби и раширија транспарент на кого пишува „Србија стана за режимот да падне“, изјави дека тоа е приватна работа на Србија, но напомена дека откако победиле патриотите во САД, според Орбан зајакнати се обидите за дестабилизација во Централна Европа. Тој смета дека Србија е жртва на овие обиди за дестабилизација, а како, што рече, нивна мета освен Србија се и Унгарија и Словачка.
Тој истакна дека овој механизам се користи и против Унгарија. -Ако се уште се сеќавате на нашата борба против институциите на Сорос, тогаш знаете за што зборувам. Планираме таа борба да заврши до крајот на пролетта – рече Орбан.