Министерството за образование и наука информира дека во тек е испораката на одобрените и испечатени учебници и наставни материјали кои ќе се користат во основните и средните училишта во учебната 2024-2025 година.
-Согласно дефинираната динамика, испораката треба да биде заокружена пред првиот училишен ден – 2 септември, но за остварување на планот, неопходна е кооперативност и ажурност на сите училишни директори. Во оваа насока е и пораката која министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска ја упати до училишните раководства, посочувајќи дека учениците и наставниците се нивна основна грижа и токму нив им требаат учебниците, а тоа значи дека треба да организираат соодветен прием на истите – соопшти МОН.
Како што наведува во известувањето, министерката Јаневска на раководствата на училиштата им порача дека нивна обврска е да ги примат учебниците во терминот кој навремено им е посочен од дистрибутерот.
-Сигурна сум дека секој од вас има доволно персонал на располагање и може успешно да ја заврши обврската. Очекувам сите да сме на висина на задачата, со цел добро подготвени да го дочекаме стартот на новата учебна година – вели министерката Јаневска во пораката до директорите на основните и средните училишта.
Таа додава дека дистрибутерите немаат должност да доаѓаат по втор или по трет пат во училиштето за да ги достават учебниците и затоа, вели таа, „какви било изговори на директорите за одложување на приемот се неприфатливи“.
Министерството за образование и наука истакнува и дека заедно со другите надлежни институции продолжува да се залага за обезбедување на сите останати учебници по предметите во основното и средното образование за кои досега не се одобрени.
-Акцент ќе биде ставен на учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение за кои процесот за одобрување е започнат, но и поништен од претходното раководство во МОН и во тек е жалбена постапка, по чие завршување повторно ќе се објави јавен оглас согласно законските прописи – наведува МОН во соопштението.