фото: Маја Јаневска - Илиева

По повод одбележувањето на Светскиот ден на детето, министерката за образование и наука Весна Јаневска на владина средба на високо ниво предводена од децата, истакнала дека промените што ги прави Министерството за образование и наука имаат цел поквалитетно образование „како најважното барање на секоја средба со различни младински организации“.

– Гласот на младите се слуша во Министерството за образование и наука. Tие се вклучени во креирањето на образовните политики и во носењето на одлуки кои засегаат – истакнала Јаневска на средбата организирана под слоганот „Слушнете ја иднината“ која годинава е со фокус на климатската и еколошка криза, напредните технологии и демографските промени.

Како што соопшти МОН, Јаневска посочила дека училиштата, во рамки на наставните и воннаставни активности, спроведуваат различни активности вклучително и практична работа, кои ја подигнуваат свесноста на учениците за важноста од заштита на животната средина и влијанието на климатските промени. Преку капитални инвестиции, кои се во тек во 36 училишта, тие се трансформираат во современи и енергетски ефикасни објекти, дел добиваат нови фасади и екосистеми за греење, што е една од мерките за почист воздух и помало загадување.

Поврзано со влијанието на напредните технологии врз децата, Јаневска посочила дека технологијата нуди многу можности, но секогаш можностите доаѓаат заедно со ризици.

– Затоа планираме етапно воведување на вештачката интелигенција во образованието. Паралелно, предвидено е над 95 отсто од наставниците до крајот на 2027 година да бидат високо обучени за дигитални вештини. Оптимизацијата на училишната мрежа, освен што ги решава предизвиците поврзани со демографските промени, решава и дел од предизвикот за надминување на дигиталниот јаз, зашто наместо неколку деца да учат во полураспаднато рурално училиште, ќе се овозможи да учат во соседно, подобро опремено училиште, каде ќе имаат можност за дигитално описменување – истакнала Јаневска.

Додала и дека преку темата за медиумска писменост, учениците стекнуваат вештини како да препознаваат и како да постапуваат во ситуации што можат да водат до злоупотреби на нивните лични податоци, со сајбер-малтретирање, онлајн предатори и изложеност на несоодветни содржини при користењето на напредните технологии.

Јаневска посочила и дека Владата и Министерството за образование и наука се залагаат за поголемо вклучување на СТЕМ образованието (наука, технологија, инженерство и математика) како подготовка на учениците за иднината водена од напредни технологии.