Првата операција потпомогната од технологија за виртуелна реалност (ВР) беше извршена денес во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје. Оваа процедура беше изведена од д-р Стефан Арсенков, абдоменален хирург во болницата и коосновач на компанијата „3ДЛум“ (3DLoom).
За време на операцијата за отстранување на жолчното ќесе кај 32- годишна пациентка, д-р Арсенков користеше ВР-очила, кои даваа пренос во реално време и имерзивна визуализација на самата процедура.
Користењето на оваа најнова технологија овозможи подобрена прецизност и контрола, како и значително подобрување на ергономијата што пак ги зголеми можностите на хирургот за успешно спроведување на операцијата.
– Ова е монументален потфат не само нас како болница и тим, туку за нашиот целокупен здравствен систем. Воведувањето на технологијата за виртуална реалност во операционата сала претставува значаен скок напред во пристапот кон комплицираните операции. Истата ни овозможува нам хирурзите уште подетална видливост и подобрена ергономија, што значи и подобар исход за нашите пациенти – вели д-р Арсенков.
Оваа успешна операција означува важен момент во имплентирањето на новите технологии во медицината кај нас. Таа го трасира патот за поширока примена на истите во разни области на хирургијата, особено при долготрајните и комплицирани операции, и поставува нови стандарди за квалитет во грижата за пациентите.
– Среќни сме што го постигнавме овој успех и продолжуваме во нашата мисија на спојување на медицината со најновите технологии. Овој успех е награда за работата и посветеноста на целиот наш тим и ние сме возбудени околу позитивните придобивки за пациентите и целата медицинска фела – вели д-р Арсенков.
„3ДЛум“ е медтек компанија посветена на спојување на новите технолгии како вештачката интелигенција, 3Д печатењето и виртуелната реалност со медицината. Нашите решенија се создадени со цел да ја унапредат грижата за пациентите и да ги подобрат исходите од
оперативните зафати.