Албанските партии Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење сметаат дека измените во Кривичниот законик кои Владата ги предложи до Собранието се прават да се спаси Никола Груевски.
Тие на прес-конференција објаснија, како што велат, зошто „на владата и на парламентарното мнозинство на оваа Собрание му се брза за усвојување на измените на Кривичниот законик“.
– Иако описот на предлог-измените е составен со елоквентен јазик и со европски аргументи, тоа може да помине кај тие што не знаат да читаат правни текстови или кои не го сфаќаат измамата на владата и на оваа власт, но не и кај нас. За да не ве здодевамe со правни детали, бидејќи за истите ќе се погрижиме да се изјасниме преку амандманите, она што денеска сакаме да го кажеме е дека основната причина поради која се прават овие измени во Кривичниот законик е што е можно побрзо во Скопје да се врати, без трн во ногата, Никола Груевски. Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести – велат од трите партии.
Груевски е осуден на две години затвор за предметот „Тенк“. За предметот „Титаник“ кој е во тек, со сегашниот Кривичен законик може да се осуди до десет години, а со новата измена може да се осуди до две или три години затвор. За предметот „ТНТ“ тој е осуден на 9 години затвор. За предметот „Насилство во Општина Центар“ е осуден на 1 година и 6 месеци затвор. Се уште нема пресуда за предметот „Феникс“, а предметот „Талир“ се вратил на почетокот на постапката. За предметот „27 април“ постапката за Груевски е прекината. За предметот „Талир 2“ е осуден на 6 години затвор, а моментално предметот е во Апелациониот суд. Предметот „Траекторија“ е веќе застарен, а за предметот „Плацови на Водно“ е осуден на 7 години затвор.
– Меѓутоа, со овие Предлог-измени во Кривичниот законик, што ги предлага власта на СДСМ-ДУИ-АА, сите овие казни што му се изречени на Груевски и тие што може да следат, паѓаат во вода. За сите предмети во кои е осуден или му се суди во отсуство, тој може да бара повторување на постапката, додека – а овие измени на Кривичниот законик – сите предмети во тој случај ќе бидат прогласени за застарени, па така на Груевски, евентуално, може да му се суди само за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“, кои не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години, а со овие трикови и манипулации со правдата, како што знае само триото Ковачевски-Ахмети-Таравари, убедени сме дека ќе успеат да го спасат целосно, па дури и да му платат отштета и да го прогласат за херој. Зошто власта толку брза да го донесе Кривичниот законик, една толку сериозна и важна тема, со толкава итност, па дури и да го стави во Комисијата за европски прашања на Арбер Адеми на ДУИ и под знамето на ЕУ, тоа тие треба да го објаснат. Како се поврзува спасувањето на Груевски со Европската Унија, ова може да го знае само триото Ковачевски-Ахмети-Таравари – соопштуваат Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење.
„Една власт која кокетира со Груевски, за какви било интереси, повеќе не ја заслужува довербата на граѓаните“, велат од Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење.