Фото: Фејсбук профил/Ненад Савевски

Пред македонскиот Парламент, денеска, на 94. седница, на дневен ред е предлогот Ненад Савески да биде избран за нов државен јавен обвинител.

Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март, а за да ја добие функцијата, потребни му се најмалку 61 пратенички глас. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.

Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник. Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка. Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право. Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик, пренесува МИА.

Претходно, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државна јавна обвинителка, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.